
Даути поднесе оставка, Гаши едвај ја прифати
Претседателката на Комисијата за социјална политика Илире Даути, откако поднесе оставка, побара да ја образложи пред пратениците, но спикерот Африм Гаши прво одби да ја констатира неотповикливата оставка за потоа да ѝ дозволи да ја образложи, а тој да ја констатира.
Пратеничката Илире Даути конечно не е претседателка на Комисијата за социјална политика откако си поднесе оставка од функцијата, иако пред една недела Собранието ѝ изгласа недоверба, но претседателот на Парламентот Африм Гаши ја закочи процедурата зашто тврдеше дека интерпелацијата нема правно дејство. И оставката на Даути не помина без драма во Собранието, бидејќи Гаши прво одби да ја констатира неотповикливата оставка на пратеничката за потоа да ѝ дозволи таа да ја образложи, а тој да ја констатира.
Препорачано

Пред собранискиот пулт настана мешаница, колегите на Даути предводени од експретседателот на Собранието Талат Џафер мафтаа со Деловникот и му укажуваа на Гаши дека греши, а пратеници од ВМРО-ДПМНЕ довикуваа дека пратеничката го крши Деловникот. Даути е прва претседателка на Комисија на која ѝ е изгласана недоверба и која сама поднесе оставка од функцијата, откако Гаши направи конфузија дека интерпелацијата не значи дека Даути треба да биде разрешена од претседателка.
Додека пратениците го утврдуваа дневниот ред на седницата, Даути процедурално од собраниската говорница информира дека поднела неотповиклива оставка од местото претседател на Комисијата и дека нема да ја напушти говорницата додека не ја образложи оставката. Таа го обвини Гаши дека на сила ја држат на функцијата, зашто на почетокот на седницата не ја констатирал нејзината оставка.
– Не знам поради кои причини вие, Африм Гаши, на почетокот на седницата не го констатиравте моето разрешување, оти утрово доставив неотповиклива оставка и барам 15 минути да ја образложам оставката – рече Даути во процедурално обраќање.
Гаши одговори дека дописот за оставката го добил пред седницата и дека на следната седница ќе ја констатира и таа ќе може да се обрати пред пратениците.
– Вие требаше да ја констатирате оставката на оваа седница, не ја напуштам говорницата – рече Даути.

Гаши одговори дека дневниот ред се утврдува во моментот, на актуелната седница, и дека Даути не доставила предлог за дополнување на дневниот ред. Тој остана на ставот дека на следната седница, на 21 јануари, ќе биде констатирана нејзината оставка.
– Не можеш да ме држиш на сила, господине Африм Гаши. Научете да го почитувате Деловникот, законите и постапките. Не можеш ни ти Мицевски, бездруго тука ќе се слушне мојот глас за лошиот акт кој го направивте, срам да ви е. Баравте мое разрешување и не може на сила да ме држите. Јас не сум ни ваша, ни на Апасиев, ни на Мицевски, ни на Гаши, ни на ЗНАМ. Барам да ја образложам оставката – рече Даути, а на Мицевски му дофрли дека него никој не го прашува и дека сега ѝ е редот таа да зборува. Според неа, ваквото однесување на власта ја покажува демократијата во Македонија, но и дека колегите пратеници сами се прават судии.
Откако пред собранискиот пулт излегоа повеќе пратеници, Гаши објави пауза за да се договорат како ќе продолжат. По паузата, Гаши рече дека ќе направи отстапка и сепак ја констатира оставката на пратеничката Даути и дозволи таа да ја образложи. Владејачките пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и од ЗНАМ демонстративно ја напуштија салата пред Даути да ја образложи оставката.
Даути во образложението на неотповикливата оставка рече дека за неа било несфатливо зошто при изгласана интерпелација таа не била разрешена од функцијата.
– За мене разрешувањето од функцијата беше јасно по изгласаната интерпелација. За да сум објективна, се консултирав со експерти и тие истакнаа дека два моменти се клучни – со 61 глас е изгласана интерпелацијата и одлуката дека интерпелацијата е конечна. За разрешување, пак, надлежна е Комисијата за избори и именувања. Комисијата за избори и именувања нема надлежност за разрешување по изгласана интерпелација зашто пленумот носи конечно решение и ова функционира во демократска држава. Ако живееме во таква држава ова немаше да се случи, затоа поднесов оставка – рече Даути.

Според неа, врв на срамот бил заклучокот по интерпелацијата дека таа може да продолжи да биде претседателка на Комисијата за социјална политика. За Законот за бранителите рече дека ги користила сите можности во согласност со Деловникот, со цел да се подигне нивото на дебата во врска со потребата од третирање на двете страни од војната во 2001 година подеднакво. Таа додаде дека како пратеник била коректна и не кажала дека е против безбедносните сили, туку побарала да се опфатат и војниците на ОНА.
– Зошто Апасиев, координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, на ЗНАМ и другите пратеници во врска со Законот за бранители, не побараа точката да се стави на дневен ред? Јас ќе ја додадов точката на дневен ред, но се поставува прашањето – зошто пратениците тоа не го побараа – рече Даути.
На пратениците од власта им порача дека не ѝ е важно што избегале од салата, бидејќи на неа не ѝ е потребно нивното мислење. Пратениците кои гласаа за интерпелацијата Даути ги нарекуваше „непочитувани“, а таков епитет доби и претседателот Гаши.
– Ти, непочитуван Гаши, кажи им на Албанците зошто ти требаше заклучокот од седницата за интерпелација – рече Даути.
Гаши ѝ одговори дека нема да падне на нејзино ниво.
– Констирам дека на Даути ѝ се прекинува мандатот претседателка на Комисијата за социјална политика – рече претседателот на Собранието.
Интерпелацијата на Даути беше поднесена од пратеничката група Левица, бидејќи таа одбиваше да го стави на дневен ред на Комисијата законот за бранителите. Собранието констатираше дека наводите во интерпелацијата се основани. Левица, ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и СДСМ сметаа дека по изгласаната недоверба на Даути таа не треба повеќе да биде претседателка на Комисијата, додека за Гаши и за Вреди интерпелацијата нема правно дејство.
По ваквото позиционирање на Гаши, СДСМ не исклучува можност по истекот на шест месеци од првата интерпелација за претседателот на Собранието, тој да „заработи“ нова.