Дали воведување на „Пронајди ме“ ќе го забрза пронаоѓањето на исчезнати деца?

Фото: EPA-EFE/ARIE KIEVIT

Доколку постоеше „Пронајди ме“ (Амбер алерт) системот кој насекаде низ светот носи резултати, можеби немаше да поминат 24 часа од исчезнувањето на  14-годишната Вања Ѓорчевска на која од вчера наутро и се губи секаква трага. Како што претходно беше најавено, сличен ваков систем ќе биде имплементиран веќе од следниот месец во Македонија. Системот „Пронајди ме“ функционира во САД, Белгија, Чешка, Франција, Германија, Грција, Малта, Ирска, Бугари, Италија, Холандија, Португалија, Романија, Шпанија и Обединетото Кралство.

По социјалните мрежи често се среќаваме со вести за исчезнувања на деца и обиди за киднапирања. Во такви ситуации пронаоѓањето би било многу полесно и побрзо доколку во момент преку социјалните мрежи, телевизии, радија би пристигнале корисни информации за лицата кои исчезнале како што се име, висина, изглед, последна локација на која се видени.

Вообичаената полициска практика во светот до пред извесно време беше потрагата по исчезнати лица, вклучувајќи и деца, да започне по 24 или 48 часа по исчезнувањето. Практиката беше таква бидејќи во најголем број на случаи девојките-тинејџерки бегаат со своите дечковци, или пак причината за бегство од дома е семејна кавга.

„Amber alert“ или „Пронајди ме“ претставува модел на ширење и објавување на информација на јавноста во ситуација на исчезнати деца. Целта е по пат на различни медиуми, телевизиски и радио емисии, интернет, СМС пораки, веста за исчезнато лице најбрзо да стигне до граѓаните, по што ќе бидат потенцијални пронаоѓачи на исчезнатите деца. „Пронајди ме“, пишува во кратката, но важна смс-порака што истовремено ја добиваат граѓаните и на мобилните телефони. Целта е ако имаат некакви информации за исчезнувањето, веднаш да ги споделат.

Фото: EPA-EFE/CLEMENS BILAN

Во Србија, „Пронајди ме“ системот се активира кога животот на детето ќе биде во опасност, а функционира така што телевизиските програми ќе се прекинуваат на секои половина час во првите осум часа по исчезнувањето.

„По тие осум часа до истекот на 48 часа од пријавувањето на исчезнувањето, емитувањето на таа објава ќе мора да продолжи секој час. Потоа медиумите повеќе не се обврзани да ги објавуваат информациите, освен ако полицијата не го побара тоа“,  објаснува Претседателот на Центарот за исчезнати и малтретирани деца, Игор Јуриќ.

„Пронајди ме“  системот е создаден во САД во 1996 година, а го добил името по Амбер Хагерман, деветгодишно девојче од Тексас, кое било киднапирано и убиено.

Амбер Хагерман, која била нормална девојка, заедно со нејзиниот помал брат ги возеле своите велосипеди до паркингот на една напуштена продавница, кадешто сите деца од околината се собирале. Нејзиниот брат си заминал, но таа останала.

Самото киднапирање на Амбер го видел постар жител на Арлингтон, кој сведочл дека видел црн автомобил како застанува и го грабнува девојчето. И покрај силниот вресок, сепак Амбер не можела да се спаси.

Сведокот повикал полиција и го пријавил случајот. Патролата пристигнала брзо и го снимила описот даден од сведокот, дека киднаперот е бел или Шпанец, на возраст меѓу 25 и 40 години, просечна висина, просечна градба. Опис што не бил многу од корист на полицијата.

Во самата истрага се вклучиле и агенти на ФБИ, а во претресот учествувале 60 полицајци.

Пет дена од киднапирањето, случаен минувач шетајќи го своето куче го пронашол телото на Амбер, фрлено во поток. Местото каде што било пронајдено телото било на помалку од 10 километри од паркингот каде што се случило киднапирањето. Нејзиниот убиец никогаш не бил изведен пред лицето на правдата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот