Дали високите затворски казни ќе ги освестат безобѕирните возачи?

Сообраќајка во Скопје
Фото: Илустрација/„Слободен печат“

Министерството за правда изготвува новина во Кривичниот законик каде што се додава ново кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, за што се пропишува затворска казна до 3 години затвор, а доколку има смртни последици казната е најмалку 4 години затвор.

Бурни реакции во јавноста предизвика пресудата на Основниот суд во Охрид од 20 октомври годинава, со која на обвинет за предизвикување сообраќајна несреќа му беше пресудена условна затворска казна од 4 години. Пресудата е донесена по една година од страотната сообраќајка во која загинаа две момчиња од Битола, а три сопатнички беа тешко повредени. Возачот возел со брзина од 106,6 километри на час, на место каде што е дозволена брзина од 60 километри на час. По пресудата блиски роднини на загинатите и на повредените, веста за благата казна ја споделуваа на социјалните мрежи и побараа правда.

Исто така бурни реакции предизвика и спогодбата за шест месеци затвор на Зоран Милевски викан Кичеец за сообраќајката што ја предизвика кај превојот Стража. Обвинетиот се спогодил со обвинителството, а судија на претходна постапка ја прифатил спогодбата. Сообраќајката се случи на 4 септември, на магистралниот пат Кичево – Гостивар, а според обвинителството осомничениот Кичеец не се придржувал кон прописите и го загрозил јавниот сообраќај. Во моментот на несреќата Кичеец требаше да биде на издржување затворска казна за случајот „Рекет“, а поради сообраќајката јавноста дозна дека тој бил пуштен од затвор поради здравствени причини.

Претседателката на Државната комисија за спречување корупција Билјана Ивановска јавно побара од Судскиот совет и од Советот на јавни обвинители да се преиспитаат обвинителско-судските постапувања во случаите каде што се суди за сообраќајни несреќи со тешки последици и жртви. Според Комисијата, ниските казни за сторителите на овие тешки дела отвораат сомнеж за корупција. Како последен и најкарактеристичен пример ја посочија шестмесечната казна за Зоран Милевски-Кичеец.

– Сѐ почесто, како што бевме сведоци, има една правосудна практика на изрекување благи казни за сторени тешки кривични дела, особено во делот на безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, и тоа со тешки последици. ДКСК јавно ја изразува својата сериозна загриженост и ги повикува надлежните органи, а тоа се Советот на јавни обвинители и Судскиот совет, да постапат во рамките на своите надлежности и да преземат соодветни мерки – вели претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.

Министерот за правда Бојан Маричиќ оцени дека условната казна за сообраќајката во Охрид е премала и најави дека се работи на воведување ново кривично дело во Кривичниот законик.

– Новото кривично ќе се вика „безобѕирно управување со моторно возило“, за што ќе биде пропишана затворска казна до 3 години, а доколку има смртни последици, казната ќе биде најмалку 4 години затвор – рече Маричиќ.

Со кампањско и популистичко менување називи на кривични дела од областа на сообраќајот нема да се реши проблемот, коментира адвокатот Владимир Туфегџиќ.

– Најлесно е, поради актуелните случувања, да се каже дека се воведува ново кривично дело, а притоа да не се кажува суштината на промената и целите што треба да се постигнат на планот на генералната и специјалната превенција – вели Туфегџиќ.

Неговиот колега адвокат Александар Михајловски, пак, вели дека не треба „акцијашки“ да му се пристапува на проблемот.

– Апсолутно сум за зголемување на границата на казната, но не е потребно е да се коригира една правна проблематика, туку треба да се коригира без многу помпа според европските правни нормативи или да се изедначи со казните за ваквите кривични дела со земјите од Европската Унија – тврди Михајловски.

Партијата Алијансата за Албанците, пак, го обвини министерот Маричиќ дека реагирал за ниската казна за сторителот на несреќата во Охрид, но не и за несреќата што ја предизвика Кичеец.

„Дали животот на младиот гостиварец е помалку вреден и дали правдата е за едни мајка, а за други маќеа“ – праша Алијанса.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот