Дали девојките сакаат лоши момчиња?
Кога ќе се случи трагедија поради семејно насилство, силување или каков било друг настан во кој жени се жртви на насилство од мажи, постои група луѓе што тврдат дека се „загрижени“ затоа што „денешните жени сакаат лоши момчиња“ (иако и самите претендираат да бидат тие лоши момчиња). Ова е помека форма на „жените сами си го бараат“.
Во култниот филм „До балчак“ на Столе Попов, во кој се раскажува за македонските страдања во времето на Отоманското Царство, сведочиме приказна за комитите, аскерот и за маж и жена што патуваат кон Солун. Крсто е бунтовник што си го слуша инстинктот. Тој е „лошо момче“ што бестрашно влегува во борби, но не е баш по книгите. Спротивен на него е Филип, син на македонски богаташ кој ја придружува Тереза, наводно ќерка на моќен дипломат од Европа. Филип го чита Рембо, убав е, нежен, пристапува дипломатски, класичен денди.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Како што се испреплетува приказната во која Тереза почнува да флертува со двајцата, во еден миг таа решава да води љубов со Крсто, кој ја привлекува поради својата сурова машкост, а Филип, повреден, ја сведочи сцената кога ги затекнува.
Главниот негативец е Музафер (Тони Михајловски), садист и брутален силеџија. Тој малтретира луѓе, исто така е лошо момче, во вистинската смисла на зборот, а Тереза нонстоп го одбива, и покрај неговите обиди да ја освои.
Приказната завршува трагично, а во последната сцена Крсто и Филип заедно тргнуваат во битка против аскерот, во крајното соочување со Музафер.
Иако овие ликови се стилизирани во контекст на друга поента, сепак, истите се јавуваат во разни приказни, филмови, митови и епови како архетипи инспирирани од можеби некои универзални човечки особини.
Такви ликови ги има многу: Коста од „Среќна Нова ’49“, Џим Старк во „Бунтовник без причина“, Плачко, Дон Жуан, Ахил… Oвие ликови се бонвивани, водачи на некоја банда, аутсајдери што им пркосат на општествените правила, мрачни, но длабоко во себе меки и емотивни, луѓе што не добивале доволно нежност како деца или нешто во таа насока. Од другата страна се добрите момчиња кои завршуваат како пријатели во „френдзоунот“.
Ние мажите сме растени со холивудската слика за привлечните бунтовници и сме сакале да бидеме Џејмс Дин, Мики Рурк и Џони Деп како деца. Сме сакале да бидеме силни како Рамбо, да можеме да се тепаме како Жан-Клод ван Дам.
За жал, оваа претстава за бунтовникот во поп-културата почна да се извитоперува и да добива други конотации поради групи со фанатична идеологија кои го претворија „лошото момче“ во нешто сосема друго, во карикатура што повеќе наликува на негативците отколку на бунтовниците што ги сакаме. Овие луѓе сакаат да бидат вистински лоши момчиња, нешто што можеби повеќе наликува на Ремзи Болтон или на Џофри од „Игра на тронови“.
Меѓу нивните идоли е и Ендру Тејт, осуден криминалец што сѐ уште не сфаќам зошто им е идол. Тејт е измамник што продава курсеви во кои им објаснува на несигурни момчиња како да ги манипулираат и да ги понижуваат жените за да ги освојат бидејќи „жените сакаат да бидат контролирани и доминирани од алфа мажи“. Овој наратив стана актуелен со книги како „Играта“ во која пикап артист (мајстор за фаќање женски по нашки) раскажува како наводно тој и неговата група освојувале жени во клубови со финти од второ одделение, откривајќи ги „тајните“ за отклучување на женската психологија. Со овие тајни, според пикап артистите, многу несигурни момчиња може да станат „лоши момчиња“ и да освојат жени.
Проблемот е што вакви фигури влијаат врз мажи, честопати сѐ уште тинејџери, кои можеби имаат тешкотии да влезат во стабилна врска, нудејќи им наратив што поттикнува презир кон жените. Кога ќе бидат одбиени, тие тврдат дека жените само „глумат дека не ги сакаат, додека всушност се привлечени од нивната грубост и од доминација“. Во тие делузии, „не“ значи „да“, а несигурните момчиња не само што не влегуваат во нормална врска со човек од спротивниот пол, сличен на нив, со чувства и со стравови, туку стануваат и опасни во некои ситуации. Мислат дека треба да бидат предатори, не за да си фатат девојка, туку за да им се одмаздат на сите жени што ги одбиле.
Кога ќе се случи трагедија поради семејно насилство, силување или каков било друг настан во кој жени се жртви на насилство од мажи, овие луѓе велат дека се „загрижени“ затоа што „денешните жени сакаат лоши момчиња“ (иако многу од нив претендираат да бидат тие лоши момчиња). Ова е помека форма на „жените сами си го бараат“.
Популарното објаснување зошто жените наводно сакаат „лоши момчиња“ честопати се сведува на еволутивна логика. Мажи со самодоверба, статус и со ресурси историски имале поголеми шанси да го обезбедат семејството и затоа делуваат привлечно. Но, во ваквите објаснувања понекогаш се мешаат различни особини и сè се става под истиот нејасен поим „лошо момче“.
Заштита и стабилност не значат тепање и понижување жени. Самодовербата и социјалниот углед не подразбираат агресија или садизам. Мангупот, кој е силен, треба да создава чувство на безбедност, а не да тепа и да малтретира послаби од него.
Според психолошките истражувања што ги анализираат овие особини, самодовербата и социјалниот статус ја зголемуваат привлечноста, но и емпатијата, емоционалната интелигенција и почитта кон партнерката ја зголемуваат привлечноста. Грубоста и агресивноста ги прават луѓето помалку привлечни. Поедноставено, за да си мангуп, треба да имаш самодоверба, да бидеш силен и храбар, но не треба да бидеш насилник.
Луѓето не ги сакаат вистинските лоши момчиња, односно насилниците. Од нив повеќето луѓе се плашат, што е сосема друго. Но, ако зборуваме за „лошите момчиња“ што сите ги сакаме… Крсто и Џејмс Дин никогаш не кренале рака врз жена.
(Авторот е новинар)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


