Хари Кацановски - новинар

Дали Чат ГПТ ќе нѐ оглупави?

Вештачката интелигенција, очекуваната еволуција на „Гугл“, денес уште повеќе го забрзува процесот на информирање. Притоа, многумина од нашата „гугл-генерација“ сметаат дека Чат ГПТ ќе нѐ направи уште помрзеливи, дека сѐ ни е сервирано на готово, заборавајќи дека и тие самите биле гневни кога претходните генерации им го велеле истото за „Гугл“.

Како генерација што растеше со „Гугл“ постојано се соочувавме со коментари дека „порано било поинаку“. За да стигнеш до одредена информација, ни велеа постарите интелектуалци, требаше да одиш во библиотека, да бараш конкретна стручна литература, да се помачиш додека ја откриеш, да прашаш познавач на темата, па конечно да научиш нешто повеќе.

„Вие сега сте мрзеливи, достапна ви е секоја информација, не мислите со своја глава“, нè прекоруваа тие со доза на надменост.

Во секоја дебата младиот дилетант се фаќа за тастатурата или за телефонот, гугла и за две минути станува „експерт“. Иако едно гуглање не може да те претвори во експерт, може да ти помогне да стигнеш побргу до информациите за да научиш повеќе. Самите експерти постојано следат нови истражувања објавени на интернет. Зошто да одам во библиотека и да барам стручна литература, која не е ажурирана веќе 10 години, ако можам да ги прочитам најновите истражувања за темата објавени на интернет? Зошто да го барам професорот што живее на планина, медитира во некоја колиба, а јас треба да прекачам десет планини, да препливам десет мориња и да убијам десет змејови за да стигнам до мудрецот што насмеано ќе ме погледне, додека се набира неговото лице со брчки, и ќе ми каже: „Види, во Месопотамија постоеле 22 града, а најдени се само шест цртежи од тој период“. Полесно е да проверам на интернет.

Ние од „гугл-генерацијата“ не сфаќавме зошто ефективноста е проблем и зошто „умира душата и се губи вредноста на знаењето ако е лесно достапно“. Знаењето, ако е реткост, станува скапоцено. Сепак, од аспект на чист прагматизам, трендот „што ја убива душата на секое знаење“ доведе до брз напредок. Секоја информација станува подостапна.

Вештачката интелигенција, очекуваната еволуција на „Гугл“, денес уште повеќе го забрзува процесот на информирање. Притоа, многумина од нашата „гугл-генерација“ сметаат дека Чат ГПТ ќе нѐ направи уште помрзеливи, дека сѐ ни е сервирано на готово, заборавајќи дека и тие самите биле гневни кога претходните генерации им го велеле истото за „Гугл“.

Но, за разлика од „Гугл“, што ни помогна побргу да се информираме, вештачката интелигенција може и да ни ја заврши работата. Секако, може да ја користиме за да научиме нешто како водич за тапчовци. Но, може да ја користиме и за да ни пишува семинарски и научни трудови, е-пораки и практично да станеме готовани.

„Има кој да мисли за мене“

За некои, механизацијата и стремежот кон оптималност се клучни, особено во логиката на пазарната економија. Работник, што извршува задачи што вештачката интелигенција може да ги автоматизира, со помош на Чат ГПТ може за неколку минути да постигне подобар перформанс одошто би постигнал сам за значително подолго време, а честопати и со послаб резултат.

За други, пак, ваквиот пристап е бездушен, ја уништува човечноста и ја намалува мотивацијата за личен напредок. Според нивната позиција, технологијата му служи на човекот, таа треба да го надградува, а не да го заменува. Човекот треба да остане во преден план и, во таа смисла, да биде „попаметен“ од технологијата, што и да значи тоа во практика.

Основниот аргумент на противниците на користењето на вештачка интелигенција за сѐ е когнитивното растоварување, односно кога некој друг ни ја врши работата, не ги користиме нашите мозочни виуги, поедноставено објаснето. Но, дали тој друг е нашиот родител што ни ја пишува домашната, нашиот колега на факултет што ни ги решава задачите или Чат ГПТ, секако не мислиме со своја глава.

„Што е битно кој е авторот ако текстот е добар?“

Други, пак, пристапуваат прагматски. Воопшто не е важно колку се паметни, сѐ додека имаат добар перформанс. Според теоријата за проширен ум, филозофска позиција дека технологијата е само екстензија на нашиот ум, тука нема никаков проблем. Меморијата на мојот телефон е резервна меморија на мојот ум, не мора сѐ да складирам во мојата глава. Сега имаме хард-дискови и со еден клик, мојот прст притиска копчиња на тастатура, се појавува информација на екран, јас ја читам, ја разбирам и ја користам. Што менува дали ја паметам или ја памети компјутерот, дали јас го пишувам текстот или го пишува вештачката интелигенција? Јас создавам добар завршен производ, квалитетен текст. Во оваа позиција нема простор за антропоцентричност или за докажување дека сами можеме сѐ.

Некој нема потреба од таков поттик на сопствената самодоверба и одамна се помирил со тоа дека светот е таков каков што е. Ако тој не користи помош од вештачка интелигенција, сите други ќе ја користат, па и помалку способни од него, и на крај ќе го надминат. Неговите текстови ќе бидат сто отсто природни, но ќе заостануваат зад оние создадени со помош на вештачка интелигенција.

Луѓе што цел живот пишуваат научни содржини и статии, може да бидат надминати од дете кое знае да напише добар „промпт“ за Чат ГПТ. Тоа дете не го смислило текстот, но на крајот на краиштата, дали е важно кој е авторот ако текстот е добар? Текстот живее и функционира независно од авторот. Ако јас напишам три пасуси, а Чат ГПТ напише три подобри пасуси, за самите пасуси е ирелевантно дали се напишани од човек или од алгоритам, тие едноставно се подобри.

Чии чувства ги имитира Чат ГПТ?

Сепак, сега-засега, вештачката интелигенција не може да се спореди со човекот од аспект на креативното пишување, односно во книжевноста, во досетливото пишување коментари и слично. Таа има друга намена, така што човекот не е заменет. Дури и да стане вешта како човекот, па и подобра за некое време, пак нема да го замени бидејќи уметноста, помеѓу другото, е одраз на состојбите на човековиот ум, ги прикажува неговите чувства, размисли, таа е творештво на неговиот дух, нешто што нема поента да го прави вештачката интелигенција. Уметниците преку своите дела говорат за своите болка, радост, за трагедии и за многу нешта што се… човечки. Секако дека некој ученик може да напише таков есеј со Чат ГПТ за да помине тест по македонски, но поентата е дека уметноста има друга функција.

Нејсе, во контекст на стручна литература, анализа, информирање, лекции, помош за праќање протоколарни е-пораки и триста други чуда, вештачката интелигенција е алатка што помага многу и нема да си замине во догледно време, така што треба да се навикнеме на тоа. Тоа не значи дека треба да станеме мрзеливи, туку дека треба да го искористиме максимумот за да се подобриме и да „соработуваме“ со неа.

Вештачката интелигенција не е лоша, ниту, пак, добра, таа е алгоритам што прави реченици. Сѐ друго е наша проекција бидејќи ние луѓето сакаме да очовечиме сѐ што постои, па и облаците во кои гледаме познати фигури. Прашањето не е дали Чат ГПТ нѐ „оглупавува“, туку дали ние мора „да престанеме да мислиме“ само затоа што не мораме.

(Авторот е новинар)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот