Да му го вратиме домот во Кратово на Св. Ѓорѓи Кратовски

Проф. д-р Антонио Георгиев

На 24 февруари 2023 година нашата Светата православна црква ќе го празнува  денот на Свети Ѓорѓи Кратовски кој е роден е во Кратово, еден од најстарите градови на Балканот –  музеј на отворено; град на мостови, кули, со посебен и живописен подземен град.

Изминатиов период во Кратово, меѓу значителниот број на пронајдени историски и археолошки локалитети, од страна на мештаните и локалната катастарска служба е пронајдено и лоцирано местото каде што, според локалното предание од колено на колено како и другите споредни факти и сознанија – се претпоставува дека било место на раѓање и едно од живеалиштата на Светиот маченик Ѓорѓи Кратовски (1497-1515); овој локалитет нуди драгоцени податоци за квалитетот на живеењето на населението на оваа кратовска територија, која има особено значење во правец на духовната и културна афирмација на нашата земја и регионот. Куќата на Св. Ѓорѓи Кратовски претставува археолошко наследство како базична компонента на културниот идентитет на кратовчани и би требало да добие третман како и останатите сегменти во планирањето на идните културно историски проектни активности.

По тој повод, група граѓани поднесе иницијатива до градоначалниот на Кратово за катастарско евидентирање, документирање, проектирање на овој локалитет, со цел да се направи спомен куќа. Инаку, секоја година денот 24 февруари се празнува како градска слава на Кратово – Св. Ѓорѓи Кратовски.

Колку за потсетување, меѓу останатите културни, археолошки и историски знаменитости во кратовскиот атар,  од историско значење е сознанието за Кратово како познат град на златото и рударството на балканскиот простор и јужна Европа – историјата бележи дека во тој регион биле присутни ковачници за пари кои ги користеле Римјаните, за да произведуваат монети кои циркулирале низ целото Римско царство. Монетарниците што биле основани уште во римско време продолжиле да работат и во времето на турското владеење. Но покрај монети, се изработувале и други предмети и накит од злато, сребро и бакар. Во Кратово и кратовската околина која е позната по огромниот број рудници – 32 рудници, се пронајдени монети од Димицијаново време, што е доказ дека кратовските рудници биле експлоатирани и од Римјаните.

Кога станува збор за парите, златото, нивната изработка, употреба, вредност, нумизматика и слично, во Кратово се се знае, и нема дилема. Што знаеме за Св.Ѓорѓи Кратовски , освен што тој ден го празнуваме ? За жал, речиси ништо.

Она на што не може да му се даде цена или материјална противредност како што се духовното богатство, народното предание, наследство  и творештво, македонскиот збор, припадноста , црквата, тоа е нешто најскапо што може една нација да го создаде и поседува. Конечно, ако кон нашето минато се однесуваме со незаинтересираност, немар и игноранција, дали имаме право да и се надеваме на иднината? Се сомневам.

Затоа, да му го вратиме домот во Кратово на Св. Ѓорѓи Кратовски!!!

(Авторот е професор и кардиолог)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот