Да ја уништува мојата кола и јас вака би постапил

Фото: Слободен печат

При ископ на фекална канализација на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, случајно е пронајден римски саркофаг, кој потекнува од вториот век од новата ера.

Археолозите се пресреќни што сосема случајно е пронајден уште еден вреден артефакт од овој период, со кој се збогатува богатата ризница на археолошки пронајдоци на поширокиот предел на главниот град.

Добро позната работа е ако копаш по фекалии во Скопје, можеш да пронајдеш поголем број на интересни работи. Доколку денеска прочепкавте по порталите обединети во македонското интернетско соѕвездие, ќе пронајдевте еден куп на саркофази, пардон, интересни информации, кои само ја збогатуваат богатата ризница со…па, со фекалии.

„Маж нападна полугола жена на улица“ – ова е еден од насловите кој нормално ве тера да го кликнете и да го погледнете видеото во кое навистина една полугола жена, се обидува нешто да стори кај хаубата на паркирано такси возило, кога наеднаш налетува еден поприлично крупен маж и силно ја отурнува на земја.

Претпоставувам дека сите веќе го погледнавте бизарното видео, а јас направив и чекор повеќе и ги прочитав коментарите на нашите мили сограѓани споделени на социјалната мрежа Твитер. И зачудено констатирав дека од коментарите ми се згади повеќе, отколку од самото видео.

Ќе започнам со резимето на еден господин, кој на својот профил го има истакнато грбот на Манчестер јунајтед:

– Што е страшно? Да ми уништува моја кола и јас вака би постапил. Уствари имам постапено еднаш.

На ова се надоврза друг корисник на социјалната мрежа, кој на светот му се претставува со фотографија од Мистер Робот, толкуван од оној заспаниот актер што доби Оскар, кога го уште позаспано го играше ликот и делото на Фреди Меркјури:

– Разбирам жена е, ама мене да почне да ми ја крши колата многу полошо ќе помине што и да е причината.

Очекувано, оваа реакција наиде на контра-реакција, па една корисничка му возврати на Мистер Робот.

– Па ти си гомце со мал пенис, ако ти ја крши колата постои полиција.

Видно револтиран роботот одговара нешто во стилот дека кршењето на кола е исто како некој да му тепа дете и дека ќе следува нокаут за секого, кога во конверзацијата се вклучува еден лик, кој не ми е познат, но очигледно преставува своевиден страв и трепет по Твитер. Тој му се обраќа на Мистер Робот со порака дека лично ќе му пресуди доколку тој ја повтори истата постапка како и мажот од споделеното видео. И тука се случува вистинска катарза од емоции и најнеочекуваниот пресврт на кој имам присуствувано. Мистер Робот помирувачки одговара:

– Насилството не е секогаш најдобриот одговор.

Како во советот на Сун Цу опишан во „Уметноста на војувањето“ наменет за идните војсководци, кога мудриот кинески филозоф порачува, дека само во моментот кога комарец ќе ти слета на мадињата, сфаќаш дека насилството не е единственото решение, така и јунакот на нашата приказна наеднаш станува просветлен мислител, кој разбирливо светот го разбира како поле за културен натпревар, а не како место каде мажите тепаат полуголи жени.

Во тоа е суштината сфаќам на крај. Доколку некој развиен полугол маж се обидуваше да го откорне ретровизорт на такси возилото, тешко дека на ист начин како и жената ќе беше отурнат на земја. Насилството немаше да биде првата помисла на конректниот маж, додека панично ќе трчаше до своето возило, реагирајќи на заканата со дипломатски манири, смирувачки тон или барајќи помош од полиција. Исто така и оној корисник на Твитер ќе продолжеше да плука тестостерон до раните утрински часови, доколку не беше јасно предупреден од друг корисник на Твитер, дека ќе го снајде истото.

Кога се копа по фекалиите можат да се пронајдат интересни работи. Главно се фекалии, но има и по некоја филозофска мисла од Сун Цу.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот