Д-р Ристески: Изјавата на министерот Меџити за водата и КАТО системот е нелогична

Доктор Милан Ристески, поранешен директор на Клиниката за онкологија, во изјава за „Слободен печат“ вели дека изјавата на министерот за здравство доктор Фатмир Меџити, дека „КАТО системот е добар, ама не препознава што се става во него, и во него може да се стави и вода“ – e резултат на непознавање на материјата. Меџити денеска кажа дека „според стручните лица станува збор за добар систем, но не значи дека системот препознава лек, може да се стави и вода на тој систем“.

Доктор Ристески кој го набавил КАТО системот за следење на дозите цитостатици на Клиниката за онкологија уште во 2016 кога бил директор таму, вели дека системот точно вчитува што се внесува во него, според баркодот или дата матрикс кодовите на лекот или растворот кој се прима на влез во самата болница.

-Ниту еден софтвер во светот, па ни КАТО системот кој што е наменет за реконституција на раствори и следење на измени не е наменет хемиски да препознава содржина на раствор. Никогаш тоа не бил план на ниту еден од тие производители. Му препорачувам на министерот да ги консултира клиничките фармацевти за да се сфати суштината на системот. Сите тие софтвери вчитуваат баркодови на лекови и раствори. Производителот во баркодот внесува име на лекот, доза, концентрација, број на серија, рок на употреба. Е токму тоа го вчитува КАТО и сите промени во таа соодветна вијала. Понекогаш и стерилна вода се користи за припреми на хипотонични раствори. Кога тој производ ќе го баркодирате, во КАТО ќе ви се покаже дека е стерилна медицинска вода а не нешто друго. Тоа е систем за следење. Ниеден од софтверите во светот кој се бави со  реконституција не препознава хемиски состав. Што ќе внесете претходно добиено од веледрогерија тоа ќе биде вчитано во КАТО или во сличните системи, вели доктор Ристески за „Слободен печат“.

Тој додава дека КАТО системот во полна конфигурација одлично функционира.

-Кога КАТО работи во полна конфигурација, и да внесете стерилна вода во соодветно пакување од одреден број милилитри и тоа треба да го измешате со соодветна количина на лек, КАТО точно знае колку треба да одземете во милилитри од лекот, за да постигнете точна доза. Ако сакате да го заобиколите системот и да внесете нешто сосема трето, па макар и во количина помала од 1 милилитар, КАТО ќе ве блокира и ќе каже дека нешто не е во ред со вашата припрема и нема да ви одобри баркод понатаму за дистрибуција на таа доза, додава доктор Ристески.

Извршен претрес во домот на екс директорот на Онкологија, доктор Нино Васев

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот