д-р. Горан Николов, интернист-кардиолог: Метаболен синдром и ковид-19

profimedia

Многумина од заболените од ковид-19 веќе имаат други болести што се поврзани со метаболниот синдром. Сето тоа упатува дека метаболниот синдром е додатен ризик фактор при инфекцијата со ковид-19. Затоа е многу важно разбирањето на меѓусебната поврзаност помеѓу метаболниот синдром и инфекцијата со ковид-19 за да се одреди соодветна терапија и третман на овие пациенти.

Пациентите со метаболен синдром, кои се дебели или веќе боледуваат од шеќерна болест, кардиоваскуларни заболувања, болести на црниот дроб, се соочуваат со поголем ризик од другите пациенти при инфекција со ковид-19 затоа што сите овие состојби негативно влијаат во понатамошен тек и конечен исход на болеста. Лековите што се предлагаат за лечење на ковид-19, а се сè уште во фаза на клиничко испитување, мора да се користат со големо внимание, особено кај пациентите со метаболен синдром.

д-р Горан Николов

Метаболниот синдром е ризик фактор кој има влијание врз развојот и прогнозата на инфекцијата со ковид- 19. Лековите кои во моментов се користат даваат надеж, но треба подетално да се истражи нивната ефикасност и безбедност, бидејќи може да се појават несакани ефекти како резултат на комбинираната терапија или како резултат на инфекцијата. Изработката на вакцина за имунизација е секако најдоброто долготрајно решение.

Развојот на болеста и симптомите варираат од асимптоматски болни до тешки форми на  респираторна слабост, што може да заврши со смртен исход. Некои фактори на ризик може да се поврзани со развојот и тежината на болеста. Во многу студии во светот се покажало дека постоечките болести, на прво место срцевите заболувања, потоа дијабетесот, бубрежните, невролошките и пулмолошките заболувања, дебелината и малигните заболувања, се најчестиот фактор за лош исход на болеста.

Во тој контекст метаболниот синдром се наметнува како заеднички именител на овие коморбидитети, бидејќи тој се дефинира како група метаболни пореметувања каде што спаѓаат: инсулинската резистенција, покачени масти, стомачен тип на дебелина и покачен крвен притисок, кои се ризик-фактори за развој на дијабетес мелитус тип 2 и кардиоваскуларни заболувања. Во 2017 година е проценето дека 20% од Американците, 25% од Европјаните и околу 15% од Кинезите го имаат ова нарушување. Во таа смисла, не смее да се игнорира врската помеѓу метаболниот синдром и неговите коморбидитети кога се работи за оваа инфекција.

Дебелината и ковид– 19

Дебелината е ризик-фактор за повеќе заболувања, вклучувајќи ги и заразните болести. Телото на дебелите пациенти е во состојба на постојана хронична инфламација (воспаление), предизвикана од висока концентрација на медијатори на воспаление (хемокини, адипокини и проинфламаторни цитокини). Оваа хронична состојба на воспаление предизвикува задоцнет или недоволен имунолошки одговор со намалена активација на макрофаги (дел од клетките на имунолошкиот систем). Освен тоа, имунолошката меморија на лицата со вишок килограми е нарушена, при што е нарушен хуморалниот (антитела) и клеточниот имунитет, што придонесува за задоцнет и слаб имунолошки одговор на болеста.

И од порано дебелината се сметала за дополнителен ризик-фактор за вирусни инфекции, токму заради нејзиното влијание врз имунолошкиот одговор на организмот. Затоа, дебелината е додатен ризик-фактор за несакан исход (морталитет) при зараза од ковид-19.

Дијабетесот и ковид19

Во 2016 година дијабетесот бил седма по ред причина за смртност во светот. Тој е причина за развој на други болести, на пример: заболувања на кардиоваскуларниот систем, хроничната бубрежна слабост и др. Како и да е, неговата поврзаност со заразните болести сè уште не е јасно утврдена. Она што се знае е дека дијабетесот освен што го намалува имунитетот на пациентот, директно влијае на рамнотежата на целиот организам. Дијабетесот е идентификуван како втор најчест коморбидитет кај пациентите со ковид- 19, кој пак носи дополнителен ризик за несакан исход на болеста.

Кардиоваскуларните заболувања и ковид-19

Во моментов кардиоваскуларните заболувања се главната причина за смрт и се одговорни за 31% од смртните случаи во 2016 година. Меѓу другото ова се должи на лошите животни навики во исхраната и седаторниот начин на живот, пушењето, типични за модерното живеење.

Освен што кардиоваскуларните заболувања придонесуваат за влошен тек на болеста при зараза со ковид-19, кардиоваскуларните компликации, исто така, можат да бидат резултат од самата инфекција. Метаболниот синдром придонесува за развој на кардиоваскуларните болести и во ситуација на моменталната пандемија, седаторниот начин на живот си го зема својот данок.

Заболувањата на црниот дроб и ковид– 19

Црниот дроб е важен орган преку кој се одвиваат најразлични метаболни процеси во телото. Забележано е дека инфекцијата со ковид-19 доведува до оштетување на црниот дроб.

Пациентите со замастен црн дроб или неалкохолен стеатохепатитис (воспаление на црниот дроб предизвикано од замастеност), се изложени на поголем ризик од оштетување на црниот дроб од ковид-19. Воспалението на ткивото на црниот дроб, кое претходно резултирало од проинфламаторни цитокини што се ослободуваат од масното ткиво распоредено околу стомакот, дополнително се влошува како резултат на вирусната инфекција со ковид-19.

Утврдено е дека приближно 20-30% од пациентите со ковид-19 имале зголемени трансаминази (АСТ, АЛТ), особено кај оние со метаболни нарушувања, заедно со дебелина и неалкохолен замастен црн дроб.

Во овој контекст, неалкохолниот замастен црн дроб се смета за црнодробна манифестација на метаболниот синдром, која се карактеризира со таложење на масти во ткивото на црниот дроб и претставува коморбидитет при инфекцијата со ковид-19.

Центар за внатрешни болести „Срце“

Ул. „3-та македонска бригада“ бр. 45/1-2, 1000 Скопје

Тел. 02/3217-016, моб. 071/319-208

(комерцијален текст)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот