Д-р Александра Димова, специјалист по ортопедска хирургија: Ехосонографскиот преглед на детскиот колк е брз, безбеден и безболен метод

profimedia/приватна архива

Во „One Hospital“ при ехосонографската проценка на развиеноста на колковите на новороденчето се користи светски воспоствениот Граф метод, кој користи стандардизирана техника и прецизно нумериран систем за одредување на типот на колкот.

Eхосонографскиот преглед на колкови на новороденчињата е скрининг за определување дали колковите се нормално развиени. Еден од многу честите проблеми на детскиот колк, кој може да настане при формирањето на зглобот пред, во текот и по раѓањето, е развојната дисплазија на колкот. Тоа значи дека развиеноста на зглобните површини не е адекватна, главата на бутната коска не лежи соодветно во чашката и зглобот е нестабилен, или пак, во поекстремните случаи доаѓа до делумно или потполно излегување на главата од лежиштето на зглобот (исчашен колк). Доколку оваа состојба навремено не се препознае и не се третира, може да доведе до сериозни последици по зглобовите на колковите. Развојната дисплазија на колкот се јавува кај 1-3 од 1.000 новороденчиња и е почеста кај бебињата со семејна историја на болеста, женските деца, првородените, бебињата родени со карлична позиција и бебињата од бремености со присутен олигохидрамнион (намалена количина на плодова вода), како и кај близнаците.

Ехосонографскиот преглед на детскиот колк е брз, едноставен, безбеден и безболен метод со кој се визуелизираат зглобовите на колковите. Во нашата установа при ехосонографската проценка на развиеноста на колковите на новороденчето се користи светски воспоствениот Граф метод, кој користи стандардизирна техника и прецизно нумериран систем за одредување на типот на колкот. Според методот на Граф, постојат четири типа на колкови, од кои само тип I претставува созреан и нормално развиен колк, додека типовите II, III и IV се однесуваат на различни степени на дисплазија на колкот и тие колкови треба да се третираат.

Важно е да се знае дека успехот на третманот на дисплазијата на колкот зависи од тоа колку рано ќе се започне третманот – доколку се третира уште во првите неколку месеци по раѓањето до конечното лекување се доаѓа на многу поедноставен, понеинвазивен и пократкотраен начин, а третманот завршува со конечно лекување, додека во подоцнежната возраст третманот и лекувањето се посложени, опфаќаат поинвазивни методи, вклучувајќи и хируршки третман и остава можност за понатамошни последици на зглобот во текот на животот. Оттаму е од клучно значење првиот ултрасонографски преглед на колковите да се направи навреме – препораката е тој да биде 40 дена по раѓањето за сите новороденчиња, а за оние што имаат семејна историја на заболувањето или клинички наод на нестабилен колк по раѓањето, уште во текот на првите седум дена од животот.

Доктор Александра Димова, специјалист по ортопедска хирургија
„One Hospital“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот