Цивили вооружени како војници парадираа низ Ричмонд: „Ова се одговорни, чистокрвни Американци“(ФОТО)

Фото: EPA-EFE/JIM LO SCALZO

Луѓето кои не се војници, ниту полицајци, го привлекоа вниманието на светската јавност, бидејќи во некоја друга западна земја тоа би било неверојатна глетка, но во САД е само дел од традиционалниот фолклор.

Со панцири, кациги и најразлични смртоносни пушки, илјадници Американци излегоа на улиците во градот Ричмонд во сојузната американска држава Вирџинија, за да се спротистават на регулативата на властите со која се регулираат правата на поседување и носење на оружје, вклучувајќи ги и полуавтоматските пушки кои се прикладни за војна или за антитерористички акции, а не за цивилна употреба, пренесува „Индекс.хр“.

Скандирајќи го името на својата држва, бројните Американци кои се познати како бранители на Вториот амандман на американскиот устав кој гарантира право на носење на оружје, го искажаа своето незадоволство во Ричмонд.

Фото: EPA-EFE/JIM LO SCALZO

– Нема компромис, воопшто. Вториот амандман вели: „Нема да се повреди ова право“. Не вели „можете да ја имате оваа или не можете да ја имате онаа пушка – рече една демонстрантка за Би-Би-Си.

„Ако ги немате своите права од Вториот амандман, што е следно?“, се прашал друг демонстрант.

Неделниот протест беше организиран со цел да се запрат неодамна изгласаните закони со кои би се направила построга контролата за продажба и поседување на огнено оружје во оваа сојузна држава, во која лани на власт дојдоа демократите предводени од гувернерот Ралф Нортхам. Десничарски демонстранти, меѓутоа, дојдоа од сите страни на САД.

Дојдоа десничари од цела Америка

„Како што гледате, ние масовно ја поддржуваме Вирџинија, она зад што (граѓаните на Вирџинија) стојат, за своите уставни права. Тука сме да покажеме поддршка за цела држава – објаснува еден вооружен демонстрант, облечен во војничка униформа слична на онаа на американските војници.

Гувернерот Нортхам прогласи вонредна состојба пред протестот и забрани носење на оружје на просторот пред зградата на државниот Конгрес.

Фото: EPA-EFE/JIM LO SCALZO

Според пишувањата на „Вашингтон пост“, на Капитол сквер во центарот на Ричмонд се собрале околу шест илјади демонстранти кои морале да поминат низ детектор за метал, додека многу од нив останале надвор, каде непречено можеле да ги носат своите автоматски пушки, сачмарки и другото огнено оружје.

Протестот сепак помина мирно

И покрај најавите дека на протестот ќе учествуваат белите екстремисти и неонацисти, и стравувањата дека демонстрациите би можеле да станат насилни како оние во Шарлотсвил, Вирџинија во 2017 година, овој настан помина мирно.

Но неколку дена претходно, тројца неонацисти кои наводно сакале да учествуваат на протестот биле уапсени под сомниение дека планирале убиство на антифашистички активисти, јавува „АП“.

– Овие луѓе се одговорни сопственици на оружје. Ова се правни, чистокрвни Американци. Не сум сретнал никого кој му се заканувал некому – коментираше за „Фокс њуз“ еден демонстрант и додаде дека се согласува со политиките на американскиот претседател Доналд Трамп и неговите републиканци.

На крајот и гувернерот Нортхам, од кого демонстрантите бараа оставка, коментираше дека протестот „покажал дека, кога луѓето се сложни, може сѐ да се направи мирно“.

Фото: EPA-EFE/JIM LO SCALZO

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот