ЦУК: Застојот на пругата кај Богомила не траеше подолго од 1 час, патниците се преместија во друг воз

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Патниците во возот кој сообраќал на релација Скопје-Прилеп, а кои во неделата вечерта сигнализираа дека заглавиле кај селото Богомила, Велес, биле преместени во друг воз и стигнале до своите крајни дестинации. Според информацијата од Регионалниот центар за управување со кризи од Велес, која „Слободен печат“ ја доби од ЦУК, застојот траел околу 1 час, поради дефект на дизел локомотивата на товарниот воз кој сообраќал на истата линија.

-Патничкиот воз во кој имало околу 120 патници, се доближил со железничката станица во Богимила, а во меѓувреме била испратена друга локомотива за да го повлече товарниот воз. Се на се според информациите од дежунарана екипа на ЦУК од Велес, немало повеќе чекање од еден час – велат од ЦУК.

Во неделата вечерта, медиумите известија дека поради блокирана пруга, возот кој тргнал во 14 часот од Скопје се` уште не може да стигне до Битола. Според тие информации, возот бил запрен во Богомила, бидејќи во с.Слепче имало расипан товарен воз, поради кој е блокирана пругата и патничкиот воз не може да помине, а како резултат на блокадата, патниците со часови чекале на железничката станица. Дел од нив се жалеле дека не знаат за што се работи, бидејќи кондуктерот им кажал дека можно е да се чека и до полноќ.

Тие на социјалните мрежи споделувале информации дека од МЖ не добиле никаков алтернативен превоз, туку биле оставени да чекаат на железничката станица. Повеќето медиуми објавија дека ова не е прв случај патниците да патуваат на оваа релација неколку часови. Пред една година истиот воз на релација Скопје-Битола доцнеше 8 часа, за на крај воопшто да не стигне до градот, туку да застане во Прилеп.

Инаку експресниот воз „Хераклеа“ на релација Скопје – Битола – Скопје е отстранет од возниот ред веќе неколку години. Оваа најбрза врска меѓу Скопје и Битола не сообраќа од август 2018 година, поради тоа што еден од новите кинески возови е расипан. Пред извесно време од МЖ, рекоа дека штом се отстранат сите пречки поради кои привремено еден од кинеските возови е надвор од сообраќај, експресниот воз веднаш ќе биде воведен во сообраќај.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот