ЦСР Тетово побрзо од молња исплаќал илјадници евра ретроактивни социјални пензии
Додека Центарот за социјални работи Тетово го тресе мегакриминален скандал поврзан со незаконско доделување различни надоместоци како социјални пензии, туѓа нега и надоместоци за попреченост, поради што во касата на институцијата досега се вратени 120 илјади евра што биле незаконски доделени на луѓе што не ги исполнувале условите и глумеле „корисници“, Обвинителството во Тетово минатата година исто така си имало работа со дел од вработените во овој центар кои биле обвинети.
Препорачано
Откако тие признале вина и ги отстраниле штетните последици од нивното несовесно работење, „си куртулиле“ само со плаќање на 18 илјади денари секој поединечно во буџетот. Некои од нив денеска фигурираат како раководители, ама немаат право да потпишуваат службени документи и нижат дисциплински постапки од кои исто така се извлекуваат поради тоа што дисциплинската комисија во Центарот ги оценува позитивно.
Во 2025 година во ОЈО Тетово е поднесена кривична пријава против шестмина вработени во Центарот за социјални работи во градот. Двајца од нив биле обвинети за „злоупотреба на службената положба и овластување“ и за нив судската постапка е во тек, велат од ОЈО Тетово за „Слободен печат“.
На нашето прашање колкумина вработени во ЦСР Тетово во 2025 признале вина за „злоупотреба на службената положба и овластување“ од Обвинителството ни одговорија дека се работи за четворица. Тие всушност, биле осомничени за кривично дело „несовесно работење во службата“, а откако признале вина -против нив не е преземено кривично гонење зашто ги отстраниле штетните последици од кривичното дело – платиле придонес во корист на буџетот на Македонија.
Останатите четири лица, кои беа осомничени за кривичното дело – несовесно работење во службата признаа вина и со предлог-спогодби со обвинителството беа задолжени да платат парични казни од по 18 илјади денари. Предложените спогодби, согласно Законот за кривична постапка, ги прифати надлежниот суд и изрече пресуди со кои ги потврди, додаваат од Обвинителството на нашите прашања.
Оваа кривична пријава иако е поднесена во 2025 година, се однесува на работата во Центарот за социјални работи од 2022 година. Несовесното постапување на раководителот било во тоа што давал неговата шифра да ја користат други вработени. Својата шифра ја „позајмувал“ на други и социјален работник. Трет човек вработен во Центарот го давал службениот печат да го користат другите вработени иако само тој бил одговорен за печатот.
Проблемот настанал баш „поради печатот“ односно печатот ја разоткрил незаконитоста во постапувањето во Центарот – затоа што печатот од страна на непознато лице бил ставен во фалсификуван документ со кој „среќниот добитник“ добивал социјална пензија која била исплаќана ретроактивно – одеднаш, во еден наврат и префрлувани биле илјадници евра. Бидејќи корисникот ги вратил незаконски доделените пари, а обвинителството сметало дека кривичното дело е сторено од небрежност, не ни побарало кривичен прогон.
Според извори на „Слободен печат“, се испитуваат и предмети во кои тетовската болница издавала еден тип на документи за пациент да користи право од социјална заштита во ЦСР Тетово, ама додека да „стаса“ документот во Центарот за социјални работи, тој бил менуван (од негативно во позитивно мислење на Комисијата со најверојатно фалсификување). Нема да ѝ биде првпат на Клиничката болница Тетово да биде вмешана во ваков скандал. „Слободен печат“ пред 1 година истражуваше и откри дека оваа јавно-здравствена установа била „фабрика“ за лажни медицински извештаи со кои се цеделе осигурителни компании преку сообраќајки.
Директорката на Центарот за социјални работи Тетово Магдалена Веселиноска, во интервју за „Слободен печат“ вчера изјави дека откако почнала да го расчистува криминалот што го затекнала во институцијата, против неа е инструирана хајка. Уште пред нејзиното именување Министерството за труд и социјална политика поднело пријава до финансиската полиција за констатирани злоупотреби при исплатата на социјалните пензии.
Откако сум директорка на ЦСР Тетово дополнително имам констатирано злоупотреби во користењето на правата на социјална сигурност на старите лица со ретроактивни исплати и без исполнување на условот за користење на тоа право. Злоупотреби најдов и за правото за помош и нега од друго лице и за сите овие злоупотреби поднесов кривична пријава до МВР и овие постапки уште се во тек. Истражните органи постапуваат и за сомнежи за злоупотреба при исплатите на надоместок за попреченост. Точно е дека се злоупотребени буџетски средства и токму од тие причини се поведени кривичните постапки пред надлежните институции, изјави таа за „Слободен печат“.


