Црногорка од екипажот на крузерот има хантавирус, заразен е и еден Шпанец
Црногорска државјанка, член на екипажот на крузерот „МВ Хондиус“, на кој се појави хантавирусот, е во карантин во Холандија, откако патниците беа евакуирани од бродот и беа спроведени засилени здравствени контроли, соопшти Министерството за надворешни работи на Црна Гора.
Препорачано
Министерството преку црногорската амбасада се во постојана комуникација со црногорската државјанка, која доцна синоќа пристигна во Холандија со организиран превоз од Шпанија.
Таа е во карантин во хотел во Ајндховен, каде што е тестирана. Не ѝ е дозволено да го напушти сместувањето додека не се завршат пропишаните мерки.
Министерството наведува дека на црногорската државјанка ѝ е понудена целата потребна конзуларна помош и поддршка.
Засега нема официјални информации дали членовите на екипажот ќе бидат вратени во нивните матични земји или ќе се вратат на бродот, каде што ќе се изврши целосна дезинфекција.
И еден Шпанец кој е во карантин во Мадрид откако бил евакуиран од крузер на Тенерифе е позитивен на хантавирус, објави Министерството за здравство на Шпанија.
Останатите 13 Шпанци кои се во карантин во истата воена болница се негативни на вирусот.
Пациентот не покажува симптоми и е во добра здравствена состојба, објави Министерството за здравство, додавајќи дека се во тек дополнителни тестови. Конечниот резултат ќе биде познат во наредните часови, пренесува Срна.
Крузерот исплови од Тенерифе, на Канарските Острови, откако последните шест патници и преостанатите членови на екипажот беа евакуирани од бродот.
Крузерот се упати кон Холандија, каде што ќе биде дезинфициран.
+


