Цитостатици на црниот пазар: Новинарка во Венецуела купуваше лекови за да го разоткрие криминалот

Како функционира црниот пазар за препродажба на цитостатици? Во 2016 година истражувачка новинарка Алисија Хернандез од медиумот „Армандо“ во Венецуела, почна да ја следи трагата на „шверцер“ задолжен да ги пренасочува онколошките лекови од државните болници кон црниот пазар каде што може да се продадат 300 пати поскапо. Нејзините мотиви, беа некои најосновни прашања: Дали овие луѓе се ангели или опортунисти? Како ги креираат своите мрежи?

Не треба да се има многу голема интелигенција за да се сфати зошто некој би отишол на црниот пазар да купи лек за канцер, ако се знае дека во Венецуела во 2016 година имало недостиг на лекови од 86 проценти споредено со потребите. Пазарењето на црно за биолошка терапија и цитостатици, во оваа држава станало редовна пракса, која оди рака под рака со кризата. Но, малкумина зборуваат за тоа. Доминантен е стравот дека направиле нешто нелегално. Затоа откривањето на личноста која им дала мала доза живот, а притоа истата доза ја украла од некој друг онколошки пациент – е чекор на кој малкумина се решаваат.

Ана (измислено име за заштита на нејзиниот идентитет) е онколошки пациент. Кога се соочила со болеста, се соочила и со дилемата дали да се впушти во подземниот пазар каде се набавуваат лекови за канцер. И во времето на пишувањето на статијата на „Армандо“ таа продолжува да ги прима циклусите препишани од докторот, но најтешката фаза од третманот е завршена.

-Тоа што го прават со нас е нехумано. Никој не треба да препродава лекови за рак, изјави таа на првата средба со новинарката. 

Неколку месеци подоцна на Ана ѝ снема „Авастин“, моноклонално антитело што се користи во третманот на различни видови канцер, меѓу кои и ракот на дојка.

-Ми требаше. Очајно е да се биде болен од рак и згора на тоа да се биде и загрижен дека нема терапија. Кога ми го дијагностицираа канцерот ми кажаа да го одбегнувам стресот, додава таа.

На клиниката каде се лекувала во Венецуела, дошла во контакт со нелегалниот пазар на препродажба на онколошки лекови. Нејзиниот доктор ѝ дал телефонски број.

-Ми кажа дека може се што ми треба да го најдам на тој телефонски број. Веќе разговарал со другите препродавачи, но тие извисиле. Платив добри пари, ама не добив ништо, додава Ана за „Армандо“.

Препродавачот се чинело, дека има се, кога буквално немало ништо во болницата.

-На пример, имаше филтри за Таксол. Имаше се што ќе му побарав, вели Ана.

Тој направил неколку трансакции со неа. Му плаќала на трансакциската сметка, а пријател ги преземал „испораките“. Како е можно да се има толкаво количество на прескапи лекови? Дали биле украдени, увезени од друга држава или фалсификувани? Да ги расчисти овие прашања и да разбере како функционира црниот пазар за прескапи лекови против канцер, на новинарката ѝ требаа барем неколку примероци од оние што ги продавал „дилерот“.

Првата средба

За да не привлече внимание врз себе, авторката на истражувачката приказна, новинарката Хернандез се преправала дека е купувач. Користејќи псевдоним, стапила во контакт со препродавачот Р.Л. Му побарала да купи Метотрексат таблети од 2.5 милиграми кои се користат за третман на канцер на дојка, кожа и бели дробови. Цената за една „лента“ од 10 таблети е 8 илјади венецуелски боливари (валутата во Венецуела е боливар). Средбата за примопредавањето била на плоштадот „Плаца ел консул ин ла Гуаира“ едно саботно утро во 2016.

Средбата траела само неколку минути на плоштад полн со луѓе, автомобили, автобуси и метеж. Во ниеден момент не можеше да се утврди дали е сам или и други луѓе го набљудуваат процесот. Скриената камера го прикажува овој состанок чија цел е да се преземат илегално купени лекови за канцер, а потоа да се испита од страна на истражувачкиот тим дали се фалсификувани или вистински. На оваа средба, на новинарката престорена како пациентка, продавачот ѝ ветува дека може да ѝ обезбеди едногодишна залиха на „Авастин“.

https://www.youtube.com/watch?v=TtRh8Uf2ha0&embeds_referring_euri=https%3A%2F%2Farmando.info%2F&source_ve_path=MjM4NTE&feature=emb_title

Лековите кои што новинарката ги проверила дошле во Венецуела со легален увоз и биле наменети за дистрибуција во државни институции. Лекот бил вистински и увезен легално.Неколку денови после првата средба, истражувачката новинарка повторно го контактира шверцерот.

-Имам неколку пријатели на кои им требаат лекови и прашуваат какви имаш. Знаеш дека е премногу тешко да се најдат одредени лекови. -Имам само онколошки лекови. Не се занимавам со продажба на обични лекови, е одговорот што го добива во СМС порака.

Во Венецуела само Министерството за здравство и Банката за лекови имаат право да увезуваат лекови за канцер. Банката за лекови е институција што потоа ги дистрибуира до аптеките.

Неколку недели по првата средба со шверцерот, новинарката вторпат се сретнала со него. Овојпат го прашала дали има Таксол, Доксорубицин и Тамоксифен.

-Имам само Таксол и Тамоксифен. Доксорубицинот го нема веќе месец и половина. Нема во Венецуела. -Кога ќе го има пак?-Не знам, мора да почекам да видам во месечните набавки кога ќе пристигне. -Кога е тоа?-Меѓу петти и десетти секој месец, одговорил тој.

Новинарката тогаш му нарачува вијала Таксол. Оваа вијала мора да биде чувана во фрижидер и чини 13 илјади венецуелски боливари. Шверцерот бара да дојде да ја подигне вијалата со свое фрижидерче, за да се зачува ладниот ланец. Ја изнесува вијалата од своето фрижидерче и ја става во фрижидерчето на новинарката.

 

Потоа таа договара трета средба со продавачот на црниот пазар, но овојпат тој веќе е информиран дека се среќава со новинарка, а не со пациентка која има канцер. Таа го прашува да ѝ ја открие мрежата и нејзиното функционирање.

-Јас сум како посредник. Четири медицински сестри во четири различни клиники кои се задолжени за овие лекови ми се јавуваат да ми кажат дека некој пациент ќе ме побара да ми побара некој производ. Тие веќе ме информираат колку имаат на залиха и колку пари е. Не знам од каде доаѓаат лековите и што стои зад нив. Земам 15 проценти од секоја продажба, вели тој.

Вклучен во црниот бизнис е две години. Вели дека имал повеќе купувачи и заработувал и по 250 илјади венецуелски боливари месечно. Но, во моментот на правењето на истражувачката сторија имал по три пациенти неделно затоа што повеќе луѓе се вклучиле во шемата.

Според него, медицинските сестри се одговорни за шемата.

-Ми кажуваат дека имаат неделна залиха, од тоа што го купуваат клиниките и потоа преостанатите дози се тие кои ми ги даваат, тие што ги враќаат семејствата или од оние кои ги купува болницата. Тие се од клиниките Ла Тринидад, Ла Флореста и Ел Авиља, изјавува шверцерот.

Кога новинарката влегува во овие три клиники сфаќа дека оваа верзија не е вистинита. Овие три болници или немаат своја хемотерапија и лекови туку пациентите ги носат од надвор и внатре само им се администрираат, или имаат строги правила со име и презиме за секој пациент и чување под камери.

Но, „шверцерот“ како што дознала новинарката самиот работел во болницата Луис Рацети, болница во која се лекуваат онколошки пациенти во Венецуела. Тој таму работел во болничката аптека.

На влезот во оваа болница, „Луис Рацети“, ве пречекува војник во униформа и бара пропусница. Единствениот начин да знаете дека има лекови за третман на канцер е ако работите таму.

Има неколку постери залепени на ѕидовите меѓу кои и тој дека „нема филтри за Пацлитаксел“, истите тие што шверцерот ѝ ги продаде на новинарката на црниот пазар.

Раководителот на аптеката во оваа болница, доктор Лисде Гонзалес вели дека секој ден запишуваат што влегува и што излегува од аптеката.

-Имаме ригорозни процеси за евиденција. Многу е тешко да се изнесе било што од овде.

Но кога новинарката го споменува името на нејзиниот „дилер на онколошки лекови од црниот пазар“, раководителот застанува се сепнува и одговара:

-Тој е задолжен за административниот дел. Вообичаено останува прекувремено. Тој може да ги промени податоците во компјутерот за залихите. Контролниот метод е една обична ексел табела.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот