Чудо во Аргентина: „Лудиот“ Милеи избран за претседател

Во кампањата Милеи мавташе со моторна пила над главата, ѓоа го преполовува државниот апарат, најави дека ќе ја затвори Централната банка и ќе го замени пезосот со американски долар за да ја елиминира инфлацијата, ќе ги забрани абортусот и евтаназијата, ќе дозволи слободно носење оружје и ќе ја легализира трговијата со човечки органи, објаснувајќи: „пазар си е пазар“
Неговите „легии“ го нарекуваат Лудиот и Периката, а тој се претставува како Лав и анархо-капиталист, ги оспорува 30-те илјади жртви и злосторствата на диктатурата од пред половина век, го нарече аргентинскиот папа „имбецил“ и се подбива со „националното божество“ Марадона.
Тоа е Хавиер Милеи, по професија економист, телевизиски водител и учител по тантричен секс, кој од денеска може да се претставува како претседател на Аргентина. На вториот круг од изборите Милеи освои убедливи 56 отсто од гласовите, што го принуди неговиот противкандидат, поранешниот министер за економија Серхио Маса, да го признае поразот.
– Очигледно не очекувавме вакви резултати. Му се јавив на Хавиер Милеи за да му честитам – изјави Маса.
До пред само неколку месеци, Милеи беше забавен телевизиски лик. Тој објаснува дека духот на упокоениот пес-миленик му се јавил за да му порача да се кандидира за претседател. Но, тоа беше само почетокот.
Во кампањата Милеи мавташе со моторна пила над главата, ѓоа го преполовува државниот апарат, најави дека ќе ја затвори Централната банка и ќе го замени пезосот со американски долар за да ја елиминира инфлацијата, ќе ги забрани абортусот и евтаназијата, ќе дозволи слободно носење оружје и ќе ја легализира трговијата со човечки органи, објаснувајќи: „пазар си е пазар“. На бизарното прашање дали можеби би легализирал продажба на деца, сосема сериозно одговорил: „зависи“.
Таков лик, сепак, освои убедливо мнозинство од гласовите во земја во која граѓаните се заситени од речиси постојаните економски кризи и програми за стабилизација. Во земјата во која две петтини од населението се под прагот на сиромаштијата, милиони го дале својот глас против Маса, во чиј мандат како министер за економија инфлацијата во Аргентина надмина 140 отсто.

Првите честитки за Милеи пристигнаа од „идеолошките браќа“, поранешните претседатели на САД и на Бразил.
– Ќе ја свртиш својата земја и навистина ќе ја направиш Аргентина повторно велика – му порачал Доналд Трамп.
Жаир Болсонаро му честитал со пораката: „Надежта повторно ќе блесне над Аргентина!“.
Милеи како младинец свирел во рокенрол група и бил голман во младинскиот тим на Чакарита. Поради високиот крвен притисок го напуштил фудбалот и студирал економија. Тој одбива да говори за своето детство, поради лошите односи со таткото, но ѝ останал верен на сестра си, која ја нарекува „шефот“ и која ја смета најзаслужна за својот политички подем. Милеи вели дека „немал време“ за сериозни романтични врски, но откако ја почна кампањата е заедно со Фатима Флорез, популарна актерка и имитаторка на поранешната претседателка Кристина Фернандез де Кирхнер. Иако го нарекуваат „Периката“, тој упорно тврди дека разбушавената коса му е природна.