Обезбедувачот на Мицкоски во „Шутка“ – се гони за одавање службена тајна за користољубие или користење во странство
Судија на претходна постапка му одредил триесетдневен притвор на Ангел Сарамаков, член на обезбедувањето на премиерот Христијан Мицкоски, кој вчера беше уапсен откако беше фатен во Велес како изнесува службени материјали од Министерството за внатрешни работи.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Од Кривичниот суд за „Слободен печат“ потврдија дека му е одреден триесетдневен притвор. Според нашите информации, Сарамаков е осомничен за кривичното дело по член 360 став 2 од Кривичниот законик, па поради тоа му е одреден триесетдневен притвор, со оглед на тоа што ако се гони по другите ставови од овој член се одредува краткотраен, осумдневен притвор.
Всушност Сарамаков се гони за оддавање на службена тајна заради користољубие или користење на податоците во странство.
– (2) Ако делото од став 1 е сторено од користољубие или заради користење на податоците во странство, сторителот ќе се казни со затвор најмалку една година – се вели во став 2 од член 360 од Кривичниот законик.
Информацијата вчера ја потврдија од МВР и од Владата, но официјално никој не потврди дека обезбедувачот Ангел Сарамаков ѝ оддавал службени тајни на групата Грчец.
Обвинителот направил повеќе истражувања, меѓу кои и претреси во неговиот дом и возила. Сарамаков, според МВР, незаконски поседувал материјали од Министерството, кои ги оддавал на трети лица.
-При спроведувањето на полициската акција и преземените мерки и активности, на паркинг просторот пред хотел во Велес, во возило БМВ затекнати се А.С., полициски службеник во Одделот за заштита на определени личности и објекти и Б.К., а при извршен претрес во возилото пронајден е ранец со службени материјали од МВР и од лицата се одземени мобилни телефони, по што се лишени од слобода. Исто така, од преземените мерки и активности во процесот на проверка, ОВККИПС констатира дека полицискиот службеник постапувал спротивно на законските и подзаконските акти на Министерството за внатрешни работи, со што истиот неовластено поседувал службени материјали, нивно откривање на трети лица надвор од Министерството, а со кои дејствија го извршил кривичното дело по член 360 од КЗ – соопшти МВР.
Официјално со информации за овој случај нема излезено ниту Обвинителството за гонење на организиран криминал, а од МВР нема сè уште одговор како може лица од обезбедувањето да има пристап до документи за истраги и дали истрагата ќе се прошири и на други лица кои му овозможиле пристап до документите.


