Четиримесечно бебе кое се лекувало од варичела почина на Детската клиника

Фото: МИА

Четиримесечно бебе, кое се лекувало од варичела, починало вчера на скопската Клиника за детски болести, дознава „Слободен печат“.

Според информациите, кои за нашиот медиум ги потврдија лекари од клиниката, бебето од Гевгелија било примено во многу тешка состојба на крајот на минатиот месец, а по неколку дена било префрлено на интензивна нега.

Состојбата на доенчето се влошила и тоа развило запаление на мозокот (енцефалит), по што и покрај напорите на лекарите, тие не успеале да го спасат.

Педијатрите од клиниката велат дека не паметат ваков случај, во кој варичела предизвикала толку сериозна и опасна компликација кај мало дете, која завршила со смрт.

Варичелата или овчи сипаници е заболување предизвикано од вирусот херпес зостер, кое најчесто се јавува кај децата на возраст од 2 до 8 години. Таа е многу лесно пренослива, но обично не предизвикува сериозни компликации, особено кај децата. Кај нас вакцината против варичела не е вклучена во календарот за редовна имунизација, па огромен број од децата се заразуваат и ја прележуваат болеста уште во предадолесцентскиот период.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот