Александар и Игор Џамбазов / Фото: Приватна архива

Игор Џамбазов со емотивна објава ја одбележа четвртата годишнина од смртта на татко му Александар Џамбазов: „Ти си маестро, маестро мој“

На денешен ден, кога се навршуваат четири години од смртта на големиот македонски композитор и диригент Александар Џамбазов, неговиот син Игор Џамбазов се огласи со емотивна објава на Инстаграм.

Игор сподели фотографија од својот татко, придружена со текст, во кој откри дел од приказната за маестро, пренесена и во неговата книга „Облечен човек“. Во објавата тој напиша дека сè почесто, кога ќе застане пред огледало, го препознава ликот на татка си во сопствениот одраз.

Објавата ја пренесуваме во целост:

„Денес се навршуваат четири години од заминувањето на мојот татко Александар. Ова е дел од приказната за него во мојата книга ‘Облечен човек’.

Од пред некое време, наутро, кога ќе застанам пред огледалото, како да го гледам него. Особено кога имам на себе неколкудневна брада, јас и изгледам исто како него. И тоа е можно.

До својата 50-та година личев на примероците од ‘велешката сорта’, а оттогаш па наваму, со невидена брзина станувам примерок на ‘штипската крв’.

Татко ми Џамбаз е човек што вреди да го имаш за татко. Единствен примерок.

Татко ми Џамбаз целиот свој живот се жали дека никогаш не бил свој. Секогаш бил во нечија сенка. Се разбира дека тоа не е така.
‘Прво бев сопруг на Анче, па зет на Петре Прличко, а сега сум татко на Игор. А јас? Па што сум тогаш јас?’

Ти си маестро, маестро мој“.

Instagram
Александар Џамбазов / Фото: Инстаграм

Да потсетиме, Александар Џамбазов е роден на 3 февруари 1936 година во Стапар, а почина на 25 јануари 2022 година во Скопје. Тој беше еден од најзначајните македонски композитори и диригенти, великан на современата македонска музика и припадник на четвртата генерација македонски повоени композитори.

Музичката академија ја завршил во Белград, а целиот свој работен век го поминал во Македонската радио-телевизија, како диригент на Танцовиот и ревискиот оркестар. Неговиот творечки опус е исклучително богат – автор е на голем број детски песни, сценска и филмска музика, хорски и оркестарски дела, како и на популарни мелодии кои оставија траен белег во македонската музичка историја.

Фото: Фејсбук/Игор Џамбазов

Џамбазов беше и иницијатор и долгогодишен диригент на фестивалот „Златно славејче“, а добитник е на повеќе од 40 награди и признанија, меѓу кои и државната награда „11 Октомври“ и наградата „13 Ноември“ на Град Скопје.

Во приватниот живот беше сопруг на актерката Анче Џамбазова, татко на Игор Џамбазов и на Тања Џамбазова.

ФОТО | Игор Џамбазов со емотивно сеќавање за својата мајка Анче: „28 години без тебе мајчичке… во себеси те носам“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот