Чешкиот претседател: Србија може да биде посредник во решавањето на руско-украинскиот конфликт

Фото: EPA-EFE/MARTIN DIVISEK

Чешкиот претседател во заминување Милош Земан изјави во Белград дека Србија може да посредува во решението на руско-украинскиот конфликт, засновајќи ја оваа оценка на фактот дека Белград не воведе санкции кон Москва, што, според него, „може да биде предност“ за улога на медијатор.

Позицијата на неутралност на Србија, дека не поддржува санкции против Русија, може да биде и предност за евентуалната улога на посредник бидејќи посредникот не смее јасно да стои на едната или на другата страна, рече Земан на заедничката прес-конференција по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Како можни посредници во таа војна тој ги гледа Кина, Турција и Австрија, за која вели дека е неутрална и е членка на ЕУ, иако не е членка на НАТО.

Вучиќ истакна дека Србија е единствената земја во Европа која не воведе санкции кон Русија и дека таа тоа не го крие

„Испративме хуманитарна помош и поддршка на сите начини, ќе испратиме уште повеќе и ќе учествуваме во изградбата на одредени градови и населени места во Украина“, рече Вучиќ.

Земан денеска повтори дека се извинил за учеството на Чешка во бомбардирањето на НАТО на тогашна СР Југославија во 1999 година. Тој ќе остане запаметен како единствен шеф на држава или влада на земја членка на НАТО кој јавно ѝ се извини на Србија за бомбардирањето во 1999 година, кога тој како премиер на Чешка ја одобри интервенцијата на таа воена алијанса.

По разговорот Вучиќ-Земан следеше средба на две државни делегации и потпишување на меѓудржавен договор за зајакнување на културната соработка и формирање на Чешката куќа во Белград, која ќе биде седиште на Чесите, но и простор за собир на Чесите и Србите, состаноци и деловни контакти како и „важно место за односите меѓу двете земји“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот