Час по физичко во фискултурна сала предизвика главоболка на цело одделение

Фото: Profimedia

Родители до редакцијата на „Слободен печат“ реагираат дека во понеделникот, ученичка развила симптоми на ковид-19 два часа по часот по физичко образование што наставничката го држела во затворена сала, а децата вежбале без маски.

Треба ли наставниците по физичко образование часовите да ги држат во фискултурните сали, каде што децата вежбаат без маски во услови на пандемија? Ова прашање деновиве се наметнува од родителите, кои реагираат дека нивните деца во некои училишта вежбаат затворени во сали, наместо да се искористи убавото време и часовите да се одржуваат надвор.

Протоколите за настава со физичко присуство, на наставникот по физичко воспитување му оставаат самиот да процени дали учениците треба да носат маска во зависност од тоа колку мрдаат додека вежбаат. Но, сето тоа е особено ризично доколку во одделението, односно во класот се појави некој позитивен случај на коронавирус.

Таков случај деновиве има во основното училиште „Христијан Тодоровски Карпош“ во Скопје. Родители до редакцијата на „Слободен печат“ реагираат дека во понеделникот, ученичка развила симптоми на ковид-19 два часа по часот по физичко образование што наставничката го држела во затворена сала, а децата вежбале без маски. Родителите уште на почетокот на учебната година реагирале на одлуката на наставничката часовите да се држат во фискултурната сала, но нивните реакции биле игнорирани.

– Не можам да разберам зошто часовите по физичко упорно се одржуваат во фискултурната сала кога надвор времето е убаво и децата можат надвор да вежбаат. Уште од првиот ден родители реагираа за одлуката на наставничката по физичко да вежбаат во салата без маски, но таа остана на нејзиниот став. Со ваквото терање инает, сега ги доведе во опасност сите деца од одделението бидејќи седеле во соблекувалните без маски и нормално трчале и скокале во салата сите без маски, а многу добро знаеме како делта сојот брзо се шири во затворен простор, ни раскажа мајка на ученик во училиштето.

Во моментов, епидемиолозите ги „чешлаат“ контактите во обид да направат точна слика за контаминацијата.

Директорката на училиштето Мирјана Алексова, во изјава за „Слободен печат“ објаснува дека протоколите се непрецизни и дека таа и наставниците даваат сè од себе да ги спроведат на најбезбеден начин. Протоколот на Министерството за образование и наука (МОН) за постапување со основни училишта во време на пандемија налага чистењето на фискултурната сала, на спортските игралишта и на соблекувалните да се врши веднаш по користењето од страна на учениците. Училиштата треба да воведат систем за еднонасочно движење на учениците низ просториите и ограничување на бројот на лица што истовремено се присутни во соблекувалните, како и контролирано излегување и влегување во соблекувалните. Користењето на спортската сала треба да биде од група ученици од иста паралелка, за да нема мешање на паралелки (на пример, за време на еден наставен час, една паралелка е во фискултурната сала, а две паралелки се надвор во училишниот двор или на спортските терени).

– Физичко воспитување во овој период додека сè уште е топло држиме надвор, но вчера врнеше и учениците беа во сала. Бидејќи не ми беше јасно тоа што го пишува во протоколите, се јавив во Центарот за јавно здравје и прашав за маските. Се согласија дека тоа не е јасно дефинирано, но советуваа дека ако имаат вежби што се статични, учениците треба да носат маски, а ако има активности со движење, како трчање, маската им пречи и може да ја тргнат – вели Алексова.

Во контекст на тоа дека вакви случаи не се невообичаени во училиштата, директорката вели дека не може да прогнозира дали ќе мора да се промени моделот на настава.

– Лично мислам дека хибридниот модел е добар. Паралелката ја делат на две групи, еднаш едната оди со физичко присуство, потоа другата. Така е многу порастоварено – смета таа.

Од Министерството за здравство во понеделникот информираа дека според последната епидемиолошка анализа на Институтот за јавно здравје, за 40 отсто е намалена инциденцата на ширење на вирусот во земјава, споредбено со ширење на вирусот во последните две недели во август. Оттаму додаваат дека во предучилишната и во училишната возраст најмал е бројот на заразени споредбено и по возрасни групи, односно на возраст од 0-9 години само 3,9 отсто во државата се ковид позитивни.

– Согласно со овие податоци и намалената инциденца на ширење на вирусот, нема потреба од промена на моделот на настава, сметаат од Комисијата за заразни болести – се вели во соопштението од МЗ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот