Фридрих Мерц / Фото: EPA-EFE/HANNIBAL HANSCHKE

Бундестагот на работ на конфликт: Политичката криза околу буџетот

Во првата генерална дебата на канцеларот Фридрих Мерц, лидерите на опозицијата , особено Алис Вајдел од АфД ја искористија говорницата за жестоки напади и обвинувања, фрлајќи тешка сенка врз буџетската расправа. Настапот на Вајдел предизвика реакции и повици за забрана на партијата, додека Мерц се обиде да испрати порака за стабилност и економска одговорност. Дебатата ја оголи длабоката политичка поларизација во германскиот парламент.

Првата генерална дебата на канцеларот Фридрих Мерц во германскиот Бундестаг, која требаше да биде формален почеток на новата политичка сезона и владина буџетска визија, беше засенета од ескалација на политички судири и тешка реторика. Главната провокација дојде од ко-лидерката на крајно десничарската Алтернатива за Германија (АфД), Алис Вајдел, која го нападна Мерц со серија остри обвинувања нарекувајќи го „лажен канцелар“ и обвинувајќи ја владата за изборна измама и државен удар преку буџетот. Вајдел зборуваше за „должничка оргија“, експлозивно и неодговорно задолжување , и притоа се осврна на буџетските олеснувања договорени уште во претходниот состав на парламентот.

Нејзиниот настап беше натопен со националистичка реторика, вклучувајќи критики за миграцијата, демографските промени, семејната политика и со особено остар тон за поддршката koн Украина, која ја оцени како „залуднo трошење на пари“. Вајдел говореше и за „трансформација на државниот народ“, што беше остро протолкувано како расистичка алузија на теории на заговор.

Реакциите не изостанаа. Претседателката на парламентот, Јулија Клекнер, ја предупреди Вајдел за прекршување на етичкиот и парламентарниот кодекс, а шефот на пратеничката група на СПД, Матијас Мирш, отиде чекор понатаму ,повикувајќи на покренување на постапка за забрана на АфД, оценувајќи дека нејзиното делување е во спротивност со уставните вредности. Според него, настапот на Вајдел претставува пример за отворена ксенофобија и напад врз демократските институции. Овој повик ги разгоре тензиите, отворајќи чувствителна правна и политичка дебата околу границите на слободата на говор и можноста за институционално исклучување на екстремистички партии во Германија. Иако се работи за радикален чекор, за некои пратеници тоа е веќе одамна задоцнето прашање. Политичката атмосфера во салата беше се понапната, а дебатата одиде далеку над рамките на буџетските ставки.

Политички контраудари и обид за стабилност

Среде овој наелектризиран амбиент, канцеларот Мерц се обиде да го врати фокусот на основната тема, буџетот и економските предизвици. Во обраќањето пред парламентот, тој зборуваше за планот на владата да инвестира во инфраструктура, иновации и одбрана, при што дополнителното задолжување го оправда како нужност во време на глобални кризи. „Наша обврска е да ги заштитиме слободата, безбедноста и перспективите на идните генерации“, изјави Мерц, додавајќи дека Германија треба да остане земја на стабилност, можности и отвореност. Тој се дистанцираше од личните напади и апелираше за одговорен демократски дијалог. Посебно ја бранеше одлуката за зголемени воени трошоци, тврдејќи дека доколку владата не го преземела овој чекор, Германија би ризикувала дестабилизација на НАТО. Мерц ја искористи дебатата и за да испрати порака до граѓаните дека, и покрај економските предизвици, владата е посветена на социјална сигурност, мир и стабилност.

Од левиот блок стигнаа сериозни критики, но со поумерен тон. Зелените ја нападнаа даночната политика на ЦДУ, нарекувајќи ја погодна за богатите, додека Левицата ги осуди огромните издатоци за вооружување. Лидерот на нивната пратеничка група, Хајди Рајхинек, зборуваше за „погрешно распределени ресурси“, тврдејќи дека секоe евро што оди во оружје недостасува во училиштата, здравството и социјалната грижа. Таа со жесток тон изјави дека ce гади од ситуацијата во која сиромашните стануваат се посиромашни, иако државата се задолжува. Аплаузи доби и Јенс Шпан, кој со својата енергична и емотивна одбрана на кризното менаџирање за време на пандемијата успеа да ја консолидира пратеничката група на ЦДУ. Неговата порака беше дека политичкиот центар мора повторно да изгради доверба кај граѓаните ,токму она што, според него, АфД најмногу го стравува. Со долг аплауз и демонстративна поддршка за Шпан, ЦДУ испрати порака на внатрешно единство и политичка решителност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот