Бугарското МНР го повика на консултации бугарскиот амбасадор во Скопје
Бугарија го повикала на консултации во главниот град својот амбасадор во Република Северна Македонија , Ангел Ангелов, соопшти Министерството за надворешни работи на Република Бугарија.
Препорачано
Причината за неговото привремено враќање во Бугарија е сериозната состојба во однос на правата на Бугарите во Северна Македонија и ескалацијата на дејствијата и злосторствата од омраза против нив во последните месеци – подметнувањето пожар на Културниот клуб „Иван Михаилов“ во Битола во јуни 2022 година, како и три последователни напади врз зградата на организацијата „Цар Борис III“ во Охрид, стои во соопштението на бугарското МНР.
-Ангел Ангелов ќе треба да даде објаснување, меѓудругото и за пукањето со огнено оружје на 24 ноември 2022 година, агресивната антибугарска кампања на социјалните мрежи во Северна Македонија, бруталниот напад врз Христијан Пендиков на 19 јануари 2023 година, како и усвојувањето во ноември 2022 на Закон за фондации и здруженија во Северна Македонија. Целта на консултациите е да се разговара за можностите за запирање на опасниот тренд на зголемен притисок врз граѓаните на Република Северна Македонија со бугарска самосвест и за изгледите за понатамошен развој на билатералните однос, пренесува бТВ.
Инаку, измените на Законот за здруженија на граѓани кои официјална Софија ги смета за дискриминаторски предвидуваат отфрлање на фашизмот, националсоцијализмот, нацизмот во сите општествени форми на здружување.
Измените на Законот за здруженија и фондации беа предложени од ВМРО-ДПМНЕ и за нив гласаа 67 пратеници, без ниту еден „против“ или „воздржан“.
Овие законските измени беа направени по отворањето на бугарски клубови со контроверзни имиња од историјата поврзани со фашизмот – клубот „Ванчо Михајлов“ е отворен на 16 април минатата година во Битола и „Цар Борис Трети“ на 7 октомври во Охрид.
Законските измени имаат и ретроактивно значење односно предвидува дека сите досега формирани организации, здруженија, фондации, сојузи итн., имаат рок од три месеци да го усогласат своето име или назив согласно законските прописи кој истекува на 16 март годинава, кога треба да се ликвидираат ако не се преименуваат.


