Бугарскиот Хелсиншки комитет правно ќе го застапува Менкиноски против Бугарија

Адвокатот Тони Менкиноски најави дека ќе ја оспори одлуката на Бугарија со која му е забранет влез во земјата до 2036 година. Во постапката ќе биде правно застапуван од бугарскиот Хелсиншки комитет, а случајот ќе се отвори и пред меѓународни институции за заштита на човековите права.

Добив понуда од бугарскиот Хелсиншки комитет за човекови права правно да ме застапува во случајот против одлуката на Бугарија да ми додели „црн печат“ за влез на бугарска територија и планирам да ја прифатам понудата.

Ова за „Слободен печат“ го изјави адвокатот Тони Менкиноски, кој ги застапува македонските здруженија од Бугарија пред Европскиот суд за човекови права и кој доби забрана за влез во Бугарија до 2036 година.

– Секако дека потегот на Бугарија го доживувам како заплашување, но јас сум одлучен да ја истерам работата докрај. Нема да ме замолчат! Бугарскиот Хелсиншки комитет ја презеде правната поддршка и застапување во постапката пред надлежните бугарски судови, со цел оспорување на одлуката за забрана за влез и утврдување на правните основи за моето внесување во националниот алармен регистар – изјави Менкиноски.

Менкиноски: Постапка што се води директно против бугарската држава

Според него, станува збор за постапка што се води директно против бугарската држава, со барање за целосно судско преиспитување на законитоста и основаноста на донесената мерка.

Менкиноски најавува дека паралелно со постапката во Бугарија ќе се активираат и механизми пред релевантни меѓународни институции и организации за заштита на човековите права.

Во таа насока, како што открива, во правниот тим ќе бидат вклучени и реномирани адвокатски канцеларии од Франција и од Израел, кои ќе работат на меѓународниот аспект на случајот.

– Овој случај отвора сериозни прашања поврзани со владеењето на правото, независноста на адвокатурата и почитувањето на европските стандарди за заштита на човековите права. Станува збор за прашање што ја надминува индивидуалната димензија и директно се однесува на принципите на правната сигурност и демократските вредности во Европа – истакна Менкиноски.

Според него, постојат повеќе механизми за оспорување на оваа одлука, и тоа пред Советот на Европа и Обединетите нации, а се известени и Хјуман рајс воч и Амнести интернешенел. Менкиноски очекува силна реакција од ОН.

Стојков: Обид за заплашување поради застапувањето на правата на Македонците во Бугарија

И универзитетскиот професор и истакнат борец за правата на Македонците во Бугарија, Стојко Стојков, за „Слободен печат“ објаснува дека станува збор за обид за заплашување на адвокатот Менкиноски поради неговиот ангажман во застапувањето на правата на Македонците во Бугарија.

– Сакаат да го заплашат поради тоа што ги застапува правата на Македонците во Бугарија. За овој инцидент воопшто не се зборува во бугарските медиуми. Ете, отворете еден бугарски портал и ќе забележите дека нема ниту една објава за одлуката адвокатот Менкиноски да добие забрана за влез во државата. Тоа е дел од бугарската стратегија. Од една страна, сакаат да го заплашат, а од друга страна, не дозволуваат да се крене прав околу случајот. Да му ставиш „црн печат“ на адвокат од соседна земја, а притоа да немаш издржана причина за такво нешто, тоа мора да се нарече тешка глупост. Истото го прават и кога има напади врз македонски здруженија. Ги вандализираат објектите, се создава хаос, но институциите и медиумите молчат – ни објасни Стојков.

Десет години не смее да влезе во Бугарија адвокатот Менкиноски, кој ги застапува тамошните Македонци во Стразбур

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот