Бугарската амбасадорка во Израел одби да се појави на конференција за депортацијата на македонските Евреи во Треблинка

Фото: МИА

Бугарската амбасадорка во Израел не присуствуваше на конференција за историјата на бугарскиот холокауст, вклучително и за депортацијата на македонските Евреи што се одржа минатата недела. Како што објави „Тајмс оф Израел”, пренесувајќи информација на Еврејската телеграфска агенција, организаторите изјавиле дека одлуката на амбасадорката да се откаже од настанот е резултат на обидите на нејзината влада да ја избрише од историјата екстрадицијата на 11.000 Евреи во Втората светска војна од денешна Македонија.

Портпарол на амбасадата за Еврејската телеграфска агенција изјавил дека амбасадорката Румијана Бачварова добила „покана во последен момент за да ја поздрави конференцијата“ и „одлучила дека е добро разговорите и дискусиите да останат на експертско ниво на историчарите, без какво било политичко присуство или учество во нив“.

Тридневниот настан, насловен како „Прогонство и соработка, спасување и преживување: Нови перспективи во врска со Бугарија и Холокаустот 80 години подоцна“, беше организиран од Јад Вашем, Универзитетот Бар-Илан и Кинотеката во Тел Авив.

-Историска ужасна вистина е дека бугарската влада на царот Борис III на нацистичка Германија ѝ испорачала 11.343 Евреи од Македонија, Тракија и Пирот и ги испратила да бидат убиени во Треблинка. Ова е историски настан за кој не е потребно„разјаснување, сеопфатно или поинакво – изјавил за агенцијата историчарот и адвокат Менахем Розенсафт, кој го одржа главниот говор на настанот.

Годинава се навршуваат 80 години откако во Бугарија беше спречена депортацијата на нејзиното еврејско население. Но, во март 1943 година Бугарите во нацистичките логори депортиралле над 1.000 македонски Евреи.

-Со одбивањето дури и да ги поздрави учесниците на конференцијата, амбасадорката Бачварова, можеби дејствувајќи по наредба, се чини дека има намера да продолжи со обидите на нејзината влада за замаглување на историјата со студиозно одбивање да признае дека Бугарија ја има крвта на овие 11.343 Евреи на својата совест – вели Розенсафт, кој е и извршен потпретседател на Светскиот еврејски конгрес.

Организаторот на настанот и режисер Џеки Комфорти, автор на „Украдениот наратив на бугарските Евреи и холокаустот“ (2021) изјави дека пристапот на Бачварова кон историјата е „пропагандно ориентиран“. Тој додава дека во бугарските „неонацистички кругови“ често може да се прочита дека „Евреите не се благодарни што биле спасени“.

Според Комфорти, Бачварова и претходно била поканета на настан додека се снимал неговиот филм за овие настани, но таа рекла дека нема да присуствува бидејќи тоа бил анти-бугарски настан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот