Бугарија е длабоко вознемирена заради бришењето на здружението „Иван Михајлов“ од Битола

Длабоко сме вознемирени од последните активности на Северна Македонија за ограничување на правата на здружување и слободно изразување на бугарската заедница во оваа земја, порачува Костадин Коџабашев, заменик-министер за надворешни работи на Бугарија.

– При затворањето на бугарскиот клуб „Иван Михаjлов“ во Битола, Скопје не изнесе вистински аргументи. Решението е непринципиелно, тенденциозно и еднострано поставување на имињата на здруженијата во искривен историски и идеолошки контекст. Тоа што верувањата на Бугарите во РС Македонија не се компатибилни со тамошната историска доктрина не значи дека тие не се компатибилни со правниот поредок и демократските принципи. Оценките за Иван Михајлов не почиваат на обемниот корпус на историски докази и имаат за цел да го зачуваат монополот на намерно и ревизионистичко толкување на нашата заедничка историја, особено наводите за антисемитски убедувања на Иван Михајлов. Самиот Иван Михајлов, неговата околина и раководството на ВМРО постојано имаат почитуван и добронамерен однос кон еврејската заедница. Не случајно еден од неговите најблиски соработници, Владимир Куртев, член на последниот состав на ЦК на ВМРО, е прогласен за праведник на светот од државата Израел – рече заменик-министерот Коџабашев.

Тој рече дека Централниот регистар на Северна Македонија доставил околу 17.000 невладини организации на разгледување до Министерството за правд, а во законскиот рок негативни решенија за користење на имињата избрани од нивните основачи добиле само здруженијата „Иван Михајо“ и „Цар Борис Трети“.

– Овој факт покажува дека набрзина донесените и без јавна дискусија измените во Законот за здруженија и фондации, со можност за ретроактивна примена, се направени со една единствена цел, а тоа е бришење од Централниот регистар на две организации на Бугарите во Северна Македонија. Настаните од вчера уште еднаш ја покажуваат потребата да се постигне објективно толкување на историските настани и личности од заедничката историја меѓу Бугарија и Северна Македонија. За таа цел беше формирана Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. Денеска сме сведоци како едностраните и пристрасни толкувања на историските настани можат да се користат како аргумент врз основа на кој властите носат одлуки за ограничување на основните права и слободи – рече тој.

Во својата изјава тој потсетува дека лани на 17 јули 2022 Македонија презеде јасна обврска да ги преземе неопходните активности за да ѝ обезбеди на бугарската заедница ефективен пристап до еднакви права, заштита од дискриминација и заштита на нејзиното културно наследство и идентитет.

– Внимателно го следиме спроведувањето на овие договори во контекст на евроинтеграциите на оваа земја кандидат – истакна Коџабашев.

Тој потсети дека Бугарија уште чека информации и ефикасна правда за сторителите на бројните напади врз здруженијата на Бугарите во Македонија, особено за пукањето во клубот во Охрид.

– Бавното спроведување на правдата е во голема спротивност со брзината со која се носеше законот и беа затворени бугарските здруженија. Ова ја покажува ефикасноста на властите во Скопје во ограничувањето на човековите права, но не и во заштитата на истите – рече Коџабашев.

Тој ја информираше бугарската јавност дека добиле официјална информација за палењето на зградата на културниот клуб „Иван Михаилов“ во Битола пред речиси една година.

– Се изненадивме кога дознавме од Скопје дека наместо сторителот на ова кривично дело да се гони во целост од законот, со цел да се спречат слични престапи во иднина, обвинителството се договорило со обвинетиот да добие најмала можна казна. Сметаме дека овој пристап ги охрабри и последователните напади врз други Бугари и бугарски организации во Северна Македонија. Бевме информирани и дека обвинителството во соседната држава се уште трага по сторителите на кривичното дело против Културно-информативниот центар на Република Бугарија во Скопје. Од друга страна, Обвинителството веќе утврдило дека мотивот на кривичното дело е од домашен карактер. Му честитаме на професионалноста на обвинителството во Скопје, кое без да утврди кој е сторител на даденото кривично дело, апсолутно уверено може да ги утврди неговите мотиви – порачува заменик-министерот за надворешни работи на Бугарија.

Тој потсети и дека тоа е прв, како што рече „напад против претставништво на странска држава во Северна Македонија воопшто“.

– Ваквите тешки кривични дела треба да се истражат со особено внимание на пораката што целиот правосуден процес ја испраќа до општеството за да се обезбеди спречување на нивното репродуцирање. Нашата загриженост е дека институциите во Скопје, наместо да се обидуваат да спречат нови злосторства врз локалните Бугари и претставниците на бугарската држава, трошат енергија и време обидувајќи се да покажат дека проблем всушност не постои. Овој пристап е контрапродуктивен за аспирациите на Скопје за што побрза европска интеграција – додава тој.

Коџабашев потсети и дека во 2009 година Европскиот суд за човекови права донесе пресуда против Северна Македонија за повреда на правото на здружување и дека во одлуката на судот се наведува дека името на здружението „Радко“, што е псевдоним на Михајлов, само по себе не може да се земе како ризик и закана за јавниот ред.

Експертот во МНР Жељазко Радуков рече дека ја разбираат желбата на нугарската јавност да се види брз резултат во врска со заштитата на бугарските здруженија.

– Ние сме во незавидна положба, дејствијата на другата страна имаат брз ефект, тие се за уништување и забрана, а нашите постапки бараат многу труд и трпение. Ако го откриеме целиот дизајн на нашиот план за нашите мерки, ќе ни снема време. Се прави се за да се заштитат овие организации во Скопје, бидете уверени – додаде Радуков на денешната прес-конференција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот