Бугараши, партизани, комуњари, европјани…

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Кажа што кажа Заев во интервјуто за бугарската БГНЕС и остана жив, ама дали политички ќе се спаси (колко може) од надојдениот медиумски „Дунав“, останува да се види. Инаку, не е дека не знаел што зборува и зошто тоа го зборува. А како тоа го одзборувал, е друга приказна.
Но оттогаш наваму се е извртено во земјава.
Во повиците за атак кон грешниот Заев од страна на раководството на ВМРО -ДПМНЕ, како да одекнуваат тоновите на славната „Партизан сам и тиме се дичим“, а на поворката подржувачи на лидерот на антикомунистичката ВМРО, само уште титовка им фали пред да го кликнат Назоровиот „Титов напред“, соочени со „аветот“ Заев.
Од друга страна пак од устата на „комуњарот“ Зоки, се слушаат во плеј бек зборовите на „бугарашот“ Љубчо, на кого по многу години чекање повторно му светна трошка надеж дека кога тогаш ние ќе расчистиме со „србоманската“ политика во рамките на бивша Југославија која „нели“, не раздели со браќата Бугари кои тука за време на војната „нели“ беа дојдени како „административци“.
Тоа од сон конечно го разбуди и Бранко, со партизанско име „Папата“ кој во изјавите на Зоран виде фракционерство, што идеолошки ќе ја делегитимира „неговата“ партија и ќе ја однесе во бугарашки води, па затоа некои велат дека можеби е време за уште еден легендарен тв дуел со Љубчо војводата.
А за се се криви Бугарите. Тие као, демек расчистија со „живковизмот“, но не можат да расчистат со фашизмот. Се чини тоа минато ги боли повеќе од се, па сакаат ако може некој друг да ги „испере“ од тој срам за нив. И за таа цел ја начекаа малата Македонија на која егзистенцијално и е важно членството во ЕУ. Иако Бугарија досега во историјата често била на погрешна страна, сега е обратно, сега е членка на ЕУ и е на вистинската страна, ама во погрешно време, токму кога на „с,штите“ им треба подршка.
ЕУ пак пустата, заробена самата од себе, не знае кој пат да го фати. Германија не сака нас, ама Бугарите и прават сопки, а тие сепак во (не)времето на Хитлер беа на „нивна“ страна. Точно, Германците расчистија со тоа време, ама овие, Бугариве, сеуште се мачат со тоа.

Ваквата балканска заврзлама да ја расчисти се одважи македонскиот премиер и како Александар на времето- пресече. Пресече онаму кај што мислеше дека најмалку ќе боли, во поблиската македонско-бугарска историја. Ама ако за Гоце боли од далеку, овде е свежо и затоа пршти до коска. Можеби во сето тоа има и вистина, можеби и намерите му се добри, ама велат „патот до пеколот е поплочен со добри намери“. И не е дека со тоа ги предал македонските национални интереси, туку се обидел да им ја олесни позицијата на кутрите Бугарски партнери во преговорите, отворајќи ги раните на своите. Реши да ги амнестира Бугарите од нивната темна страна на историјата, без при тоа тие самите да направат исчекор на покајување и да побараат прошка.

Опозицијата како лешинар ја искористи приликата и веднаш организираше протести, божемски за спас на Македонија, а всушност за нивен спас. А кога за нешто протестира ВМРО-ДПМНЕ, вам веднаш ви одмилува, иако и вие сте сакале да искажете некакво незадоволство од некоја одлука на оваа власт, за истата или за слична тема. Едноставно ви го убива лезетот да се произнесете како индивидуа, како граѓанин кој нема особена политичка наклоност кон партиите. Вашиот револт станува некако блунтав, добива некоја искривена употребна вредност, како да ви ја украле мислата и да ја присвоиле за себе, а и вас со неа. Тие едноставно го колективизираат индивидуалното.

Другите пак веднаш ве деколкетивизираат, односно многу бргу се „откажуваат“ од вас, иако никогаш не сте им припаѓале и не ве сметале за нивен.
Но, добро тоа и не е нешто ново. Проклетството на биполарниот систем во кој живееме, (без разлика колку политички партии егзистираат во оваа мала земја, сепак општеството е поделена на две), е да се ОПРЕДЕЛИТЕ секогаш кога ќе ве принудат на тоа. И тоа без присила.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот