Буџет што создава вредности, а не само бројки!
Време е државата да започне со вредносен буџет, буџет што ќе го мери успехот не по тоа колку троши, туку по тоа колку создава. Ако инвестираме во знаење, ќе добиеме иновации. Ако инвестираме во здравје, ќе добиеме продуктивност. Ако инвестираме во култура, ќе добиеме идентитет. А кога ќе инвестираме во вредности, ќе добиеме економија со душа.
Буџетот не е само збир на бројки, ниту административна рамка што ја одредува државната потрошувачка. Тој е документ на визија, вредности и општествена амбиција. Начинот на кој државата ги распределува јавните пари зборува многу повеќе за нејзините приоритети отколку секој политички говор. И токму затоа, на Македонија ѝ е потребен трансформативен буџет, буџет што создава вредности, а не само да ги покрива трошоците.
Препорачано
Во последните години нашата економска политика се движи во правец на стабилност и фискална дисциплина. Тоа е добар и потребен чекор, но недоволен. Стабилноста не создава иднина; визијата ја создава. Ние не можеме да очекуваме економски раст ако не создадеме општество што верува во сопствениот потенцијал. Трансформативниот буџет не значи да се троши повеќе, туку да се троши паметно таму каде што јавните средства ќе генерираат општествена вредност, знаење, здравје, култура и иновативност.
Капиталните инвестиции не треба да бидат само бетон, туку идеи. Инвестициите во патишта и инфраструктура се неопходни, но тие не се доволни да изградат одржлива економија. Вистинскиот капитал на едно општество е човекот. Образованието мора да биде јадрото на секој реформски буџет затоа што не создава профит, туку создава потенцијал. Образованието е процес на обликување на иднината: во училниците се создаваат следните претприемачи, истражувачи, архитекти и визионери. Кога училиштата не учат млади луѓе да мислат, туку само да меморираат, државата ја губи најскапата можност – човечкиот капитал.
Здравството, исто така, не треба да се гледа како расход, туку како инвестиција во здраво општество. Секој здрав граѓанин е активен учесник во економијата. Тој произведува, создава, плаќа даноци и придонесува кон заедничкиот просперитет. Ако здравството не гради здрави луѓе, државата гради болен систем. Истото важи и за културата, често запоставена, а суштински важна. Културата е ткивото што го држи општеството заедно, создава чувство на припадност, ги инспирира младите и потсетува дека државата не е само економија, туку и дух. Без култура нема идентитет, а без идентитет нема креативност.
Затоа буџетот треба да се гради околу вредностите, не околу расходите. Секоја јавна потрошувачка мора да се праша: „Која вредност создава ова?“, а не „колку чини?“. Буџетот што не создава вредност е трошок, а трошоците без вредност водат во економска стагнација. Вистинската цел на јавните пари е да се претворат во јавна добробит: во подобри училишта, модерни болници, почиста средина, поддршка за стартапи, дигитална трансформација и подобар живот за сите.
Наместо да го гледаме буџетот како инструмент за „одржување“, треба да го гледаме како инструмент на визија. Македонија мора да се ослободи од логиката на минимализам, дека е доволно само да „одржуваме стабилност“. Стабилноста е само платформа; растот и развојот се патот. Ако буџетот не ја движи државата напред, тогаш само ја држи во место.
Време е државата да почне со вредносен буџет, буџет што ќе го мери успехот не по тоа колку троши, туку по тоа колку создава. Ако инвестираме во знаење, ќе добиеме иновации. Ако инвестираме во здравје, ќе добиеме продуктивност. Ако инвестираме во култура, ќе добиеме идентитет. А кога ќе инвестираме во вредности, ќе добиеме економија со душа.
Буџетот за 2026 година е чекор кон стабилност, но не и кон трансформација. Македонија има потенцијал да направи пресврт, да создава, а не само да троши. И затоа прашањето не е колку пари има државата, туку што создава со нив. Зашто држава која инвестира во вредности не се плаши од иднината. Таа ја создава.
(Авторот е економски аналитичар)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


