Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје, Фото: Слободен печат/Архива

БРТ – за позелено, попаметно и похумано Скопје

Скопје е една приказна која едноставно ти влегува под кожа и не може да излезе. И тоа не е само приказна за старо Скопје, кое не сакаме да го заборавиме, туку и за едно ново, модерно Скопје, во кое сакаме да живееме.

Како градоначалник, мојата работа има смисла кога одговарам на потребите на граѓаните. А висококвалитетен јавен превоз е насушна потреба на Скопјани веќе со децении. На таа потреба Град Скопје одговара со воведување систем за брз автобуски превоз (БРТ). Со БРТ Скопје станува позелено, подинамично, попаметно.

БРТ за почисто и позелено Скопје

Како да не бидеме горди што Скопје е првиот град во овој дел од Европа кој воведува БРТ (Bus Rapid Transit) систем? Тоа е успех не само за градот, туку и за целата наша држава. Европската банка за обнова и развој го промовира овој проект како зелен проект, во рамките на мрежата на зелени градови, во која Скопје е член од 2019 година. БРТ е токму она што на нашиот главен град веќе со децении му недостига – сообраќајно решение за намалување на градските метежи, чекањето на семафори и аерозагадувањето.

Новите енергетски ефикасни автобуси обезбедуваат поквалитетни и почисти услуги кои значително ги намалуваат емисиите од аерозагадувачи. Подобриот јавен транспорт значи зголемување на бројот на патници, а намалување на употребата на приватни возила. Помалку возила значи помал сообраќаен метеж и помалку сообраќајно аерозагадување. Токму затоа БРТ се промовира како зелен проект од ЕБОР, а Град Скопје добива признание за спроведување на еколошки политики.

Со БРТ Скопје ќе продолжи да паѓа на листите на аерозагадување, каде што беше на највисоки места кога властите спроведуваа нездрави сообраќајни политики – стимулирање увоз на загадувачи и криминални набавки на 200 двокатни дизелаши кои годишно трошат 25.000  евра гориво по автобус повеќе отколку МАН-овите на CNG.

БРТ за подинамично и попаметно Скопје

Со БРТ воспоставуваме две линии со коридори резервирани само за ултра-еколошки автобуси – од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, и од Бутел до Кисела Вода. Трасата со правец запад-исток е во должина од 12,80 км во една насока, со 21 станица, а трасата со правец север-југ е во должина од 10.4 км и 20 автобуски станици.

Модерниот БРТ систем овозможува траса физички издвоена од останатите учесници во сообраќајот. Со тоа транспортот на патници станува максимално ефикасен и побрз, овозможувајќи им да стигнат од еден до друг крај на Скопје за само 35 минути. Тоа значи 35 минути не само од Ѓорче до Ново Лисиче и обратно, туку и од Ѓорче до Бутел и од Пинтија до Ѓорче, со менување на линијата во центар со иста карта.

Зголемувањето на брзината и достапноста на јавниот транспорт значи и зголемување на бројот на патници кои го користат јавниот транспорт во Скопје. Затоа што во повеќето случаи БРТ автобусите се побрз начин на транспорт од приватните автомобили. Според првичните проценки, вкупниот број на патници кои ќе ја користат оваа траса е околу 65 илјади луѓе дневно, или околу 24 милиони патници годишно.

Целиот систем за новиот јавен транспорт ќе биде дигитализиран. Паметниот систем на регулирање на сообраќајот го намалува времето помеѓу две БРТ станици. Компјутерскиот чип во автобусот им сигнализира на сензорите на патот, кои ги предупредуваат патниците на следната станица дали автобусот пристига навреме.

Преку „при-пејд“ системот на билети ќе може да се купи единствена карта за еден час и да се користи во останатиот систем на ЈСП и БРТ, кој ќе биде интегриран во системот на јавен транспорт. Издигнатите платформи овозможуваат побрзо влегување и излегување од автобусите кои се движат по свои ленти, што ја зголемува брзината и безбедноста на транспортот.

БРТ значи поквалитетен живот во поповрзано Скопје

Брзиот автобуски превоз на двата коридора ќе значи поквалитетен живот за повеќето скопјани. Поквалитетен живот за средношколците, зашто БРТ линиите ги поврзуваат повеќето скопски средни училишта. Поквалитетен живот за студентите, зашто двата коридора на БРТ ги поврзуваат повеќето факултети во Скопје. Поквалитетен живот и за пензионерите кои сакаат да испазарат, зашто двете траси ги поврзуваат повеќето пазари и трговски центри.

БРТ значи и повеќе можности за малите бизниси кои гравитираат околу двата коридора. БРТ значи и поефикасно водење на бизнис, зашто намалувањето на времето на транспорт, и намалувањето на градскиот метеж, значи и поефикасно работење – и поуспешен бизнис. Поуспешен бизнис значи дека инвестицијата во БРТ побргу ќе се исплати.

Кога е нешто добро, треба да се каже дека е добро

Почнувањето на реализацијата на БРТ проектот е историски ден за Скопје и скопјани. БРТ ќе биде костурот на јавниот транспорт во Скопје во наредните 100 години. Реализацијата на целиот проект изнесува околу 70 милиони евра – една десетина од вкупната сума од околу 700 милиони евра потрошена на „Скопје 2014“.

Претходниот градоначалник на Скопје имал обид да донесе трамвај по истата траса, на која денес работиме. Само трасата од Ново Лисиче до Ѓорче би чинела 150 милиони евра. За среќа, не успеа, зашто е прескапо.

Затоа, кога е нешто добро, треба да се каже дека е добро. Во ВМРО-ДПМНЕ работеле на нешто што чини 150 милиони евра само за една траса, а ние работиме на нешто што чини 70 милиони евра за две траси. Како може да им е во ред трамвај за 150 милиони евра во еден правец, а да не им е во ред БРТ за 70 милиони евра во два правца? И зошто, најпосле, не го изградија трамвајот кој им остана пуста желба, додека имаа мнозинство во советот во Скопје повеќе од две децении?

Криво ми е што ДПМНЕ не успева да препознае што е добро за градските политики. БРТ е добро за Скопје и Скопјани. Со БРТ, како модерна алтернатива на трамвајот, градот ќе се движи побрзо напред. Со брзиот автобуски превоз, Скопје добива посовремен, похуман, позелен, подинамичен и побезбеден транспорт, по мерка на граѓаните.

 

 

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот