Бразил воведува заедничко старателство над домашни миленици за разведени парови
Во Бразил е донесен нов закон според кој разведените парови ќе можат да имаат заедничко старателство над своите домашни миленици. Според новите правила, доколку парот се раздели без договор за миленикот, судијата ќе одреди начин на заедничко старателство и правична поделба на трошоците за негово одржување, пренесува „Еуроњуз“.
Препорачано
За законот да се применува, животното треба да има поминато поголем дел од својот живот со парот. Заедничко старателство нема да се дозволи во случаи кога постои кривично досие, како и при историја или ризик од семејно насилство.
Законодавците во бразилскиот парламент ја опишаа оваа промена како одраз на важноста што луѓето им ја даваат на своите миленици.
Тие истакнаа дека во последните години има пораст на судски спорови околу старателството над животните, додавајќи дека законот е одговор на промените во општеството во изминатите децении.
Во соопштението се наведува и дека паровите со помалку деца често развиваат посилна врска со своите миленици, кои сè почесто се сметаат за вистински членови на семејството.
Во Бразил, земја со околу 213 милиони жители, има приближно 160 милиони домашни миленици, покажуваат податоците на националниот институт за миленици.
Како пример се наведува и случај од Шпанија од 2021 година, кога суд донел одлука за заедничко старателство над куче меѓу разделен пар. Судот во Мадрид утврдил дека двете страни се заеднички одговорни за кучето по име Панда.


