Браќата убијци од Саскачеван кренале нож и еден на друг!?

канада осомничени за убиство фото EPA-EFE/ROYAL CANADIAN MOUNTED POLICE / HANDOUT EDITORIAL USE ONLY, NO SALES HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

Полицијата ги предупреди жителите на Џемјс Смит Кри и на Реџина дека бегалецот Мајлс Сендерсон е вооружен и опасен, иако веројатно е ранет

Демиен Сендерсон, еден од двајцата браќа што вооружени со ножеви прободеа 28 луѓе и смртно ранија десетмина во канадската провинција Саскачеван, завчера е пронајден мртов.

Полицијата не ја исклучува можноста дека 31-годишниот Демиен бил убиен од својот помлад брат и соучесник во крвавиот поход Мајлс, по кого полицијата три дена е во потера.

Демиен Сендерсон е 11-тата жртва на серијата напади без познат мотив во тивката заедница на домородниот народ Кри во гратчето Џејмс Смит со 3.400 жители. Полицијата ги предупреди жителите на Џејмс Смит Кри и на локалниот главен град Реџина дека бегалецот Мајлс Сендерсон е вооружен и опасен, иако веројатно е ранет.

– Тој има видливи повреди и може да побара медицинска грижа – изјави Ронда Блекмор, командирка на кралската коњичка полиција во Саскачеван.

Говорејќи пред медиумите, таа избегна категорично да тврди дали бегалецот Мајлс е одговорен и за убиството на својот брат Демиен: „Тоа е гранка од истрагата што ја следиме, но немаме дефинитивен одговор“.

За осомничените браќа таа изјави дека имаат „дебело“ полициско досие.

– Мајлс има големо криминално досие. Го сметаме за вооружен и опасен. Не му се приближувајте! – порача Блекмор.

Полицијата во градот Саскатун, исто така во Саскачеван, го барала Мајлс Сендерсон уште од мај годинава, бидејќи престанал редовно да се пријавува кај надлежниот офицер по отслужувањето на затворската казна за напад, грабеж и закани, јави телевизијата „Си-би-си њуз“.

Браќата се осомничени дека вооружени со ножеви боделе луѓе на 13 локации во неделата. На едно место биле убиени две жени и едно момче, а потоа и Глорија Лидија Барнс од локалниот кризен штаб додека се обидувала да го пријави нападот.

Нејзиниот брат Ајвор Вејнс тврди дека причината за нападот се користењето дрога и алкохол.

– Оваа трагедија што ја погоди нашата заедница е поради дрогата и алкохолот. Проблемот со дрогата тука е огромен. Излезе од секаква контрола – изјави Барнс.

Полицијата до вчера напладне не објави информација за мотивот, но и поглаварот Боби Камерон од Федерацијата на суверени домородни нации смета дека дрогата има врска со убиствата. Тој тврди дека браќата, кои и самите се припадници на домородните народи, биле под дејство на наркотици кога тргнале во крвавиот поход.

Ронда Блекмор од Кралската коњичка полиција изјави дека некои од жртвите биле нападнати со намера, а други биле случајно избодени, без да наведува детали. Првите повици за напади пристигнале во неделата во 5.40 часот според локално време, а по неколку часови веќе имало 25 избодени луѓе, од кои десетмина починале. Во заедницата итно пристигнале напомош три амбулантни хеликоптери и возила. Неполни три часа по првата тревога, осомничените биле идентификувани како Демиен (31) и Мајлс (30) Сендерсон.

Убиствата ја потресоа цела Канада, земја во која нападите со бодење се чести поради релативно строгата контрола на поседување огнено оружје. Во изминатата година низ Канада биле убиени 242 луѓе при напади со студено оружје, што е благ пораст на црниот биланс во споредба со 2020 и 2019 година, кога биле убиени 237, односно 214 луѓе. За споредба, при напади со огнено оружје лани биле убиени 297 луѓе, а во претходните години 278 и 264.

– За ваков тип насилства, за каков било вид насилства, нема место во нашата земја – изјави премиерот Џастин Трудо, оценувајќи ги нападите како „ужасни и трогателни“. Тој додаде дека владата со сите капацитети ќе ја поддржи потрагата по осомничениот бегалец и ќе им помогне на семејствата на жртвите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот