Арсоски: Без ЗНАМ не може да се формира стабилна влада

Павле Арсоски/фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

По првиот круг од претседателските избори, јасно е дека без ЗНАМ не може да се формира стабилна влада, смета генерал – мајор д-р Павле Арсоски, носител на Движењето во Третата изборна единица. Арсоски вели дека се за влез во ЕУ, но тоа треба да биде достоинствено, како Македонци со македонски континуитет, историја, со традиција и никако поинаку.

Во интервју за МИА, Арсоски посочува дека нивната идеологија се базира на Илинден, на документите од АСНОМ и на граѓанското изјаснување на референдумот во 1991 година.

-Имаме став дека за какви било преговори за формирање идна Влада на сите политички чинители ќе им понудиме декларација во која ќе бидат опфатени најважни државни и македонски национални црвени линии и една македонска национална платформа. Сите политички субјекти кои имаат намера да формираат Влада, а дефинитивно сега е јасно дека без ЗНАМ нема да може да се формира стабилна Влада, ќе мора да се согласат и да потпишат документ, што е национална платформа, за сите чинители во Владата, но посакувано и сите политички чинители во Македонија ќе мора да ги почитуваат во практикување на власта. Пред сè работи за заштита на македонскиот континуитет како народ, на историја, култура, на постоењето на континуитетот на македонската нација, тоа е нешто за што немаме намера да правиме компромиси. Ќе побараме од сите политички чинители таква национална стратегија да се потпише, да се изгласа во Парламентот и сите политички чинители и Владата и да се почитува во практикувањето на политиката и на внатрешен и на надворешен план, вели Арсоски.

Тој го повтори ставот на ЗНАМ дека претседателот на државата мора да се избира на непосредни избори, со директно гласање како што се прави сега. ЗНАМ, потенцира, е апсолутно против тоа претседателот на државата да се избира во Собранието.

За уставните измени се осврна на тоа дека Движењето ЗНАМ беше првата политичка партија која, како што вели, даде решение како земјата да излезе од оваа безизлезна ситуација. Во интервјуто, го повтори ставот на партијата дека мора да имаме дополнителни гаранции од ЕУ, мора, подвлече, да ја приспособиме Преговарачката рамка за да бидеме сигурни дека ова е последен непринципиелен услов произлезен од еден билатерален спор на нашиот пат кон ЕУ. Да се осигураме, дециден е, дека и тие евентуални уставни измени ќе стапат во сила во оној момент кога државата ќе стане членка на ЕУ.

-Да ние сме за Македонија во ЕУ, тоа е наша стратешка цел, но сметаме дека во ЕУ треба да влеземе достоинствено, како Македонци со македонски континуитет, историја, со традиција и никако поинаку, истакна носителот во ИЕ 3 од „ЗНАМ“.

Откако претседателскиот кандидат Максим Димитриевски ја доби довербата од повеќе од 84 илјади граѓани, според Арсоски, кандидатот на „ЗНАМ“ е најголемиот победник на 24 април, бидејќи, подвлече, само за три до четири месеци постоење како партија, со само три до четири илјади членови, со напорна работа, со презентирање на програмата и на идејата за тоа зошто постои овој политички субјект ја добиле довербата од над 80 илјади гласачи. Лично тој, и секако сите од партијата, нагласува, се горди затоа што имаат, луѓе без багаж, чесни, луѓе реализирани во своите професии кои влегуваат во политика со чесна намера да направат нешто поинаку и подобро.

Во интервјуто, носителот на ИЕ 3 од „ЗНАМ“ говори и за телефонскиот разговор на Димитриевски со лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, веднаш по објавувањето на резултатите од првиот круг на претседателските избори, при што истакна дека ако и се случил таков контакт, тоа е за поздравување, но не е вест на денот. Смета дека лидери на политички партии, не само сега, требало и во минатото да комуницираат редовно. Тоа, потенцира Арсоски, е едно повисоко ниво на политичка култура, без оглед на идеолошките разлики, програмски или други и без оглед дали се на позиција или во опозиција, а досега тоа не е практикувано во политиката во државава.

Во однос на кампањата што се води, како за претседателските избори, и за парламентарните избори, носителот на листата во ИЕ 3 од ЗНАМ повторува дека партијата има дефинирано и води позитивна кампања, но содржи и критики на политики, односно како што вели, критика кон „ова катастрофално владеење во последните седум години, имаме критика и за владеењето и пред овие седум години, сега кога СДСМ, а претходно ВМРО – ДПМНЕ ја водеше Владата со ДУИ во сите комбинации“.

Во врска со тезата која дојде од Левица дека ЗНАМ е надуван балон, што ќе пукне откако ќе се формира новата Влада, Арсоски истакна дека немаат намера да критикуваат политички субјекти и да одговараат на такви напади затоа што работат на терен, директно со граѓаните и се фокусирани на нивната идеологија, идеја и програма „Проглас за достоинствена Македонија“ и немаат време да се занимаваат со такви работи.

Во интервјуто за МИА, Арсоски информира дека ЗНАМ низ програмата и проектите ќе инсистира на домаќинско работење и трошење на буџетските пари.

-Најважно е да се избориме против корупцијата, особено високата корупција, која е веројатно извор на сите проблеми во државата и исто така да се избориме Македонија да биде што е можно посамоодржлива држава, порачува Арсоски. Додава дека сме зависни во секој поглед, а како пример го посочи производството на енергија, за што смета дека треба да направиме напори како држава производството на енергија да биде во државна сопственост и што е можно и колку е можно повеќе енергија да произведуваме сами, вели Арсоски.

Според него, во ИЕ 3, каде тој е носител на листата од ЗНАМ проблем број еден е иселувањето, а вториот е врзан за земјоделството. Нагласува дека ЗНАМ има проекти за поддршка на земјоделството и за земјоделците. Земјоделството, истакнува Арсоски, е една од гранките која сметаме дека може да биде самоодржлива.

-Имаме големи земјоделски површини земени од приватни субјекти, се земаат субвенции, огромни средства од државата, веројатно дел од тие субвенции завршуваат во партиски каси, а земјиштето не се обработува. Од друга страна реалниот земјоделец или фармерот, го нема земјиштето на располагање, нема загарантирани откупни цени, рече меѓу другото Арсоски, додавајќи дека ако се погледне аналитика, цели градови се иселуваат, што е катастрофална состојба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот