Се прекршува ли Преспанскиот договор ако функционерите го користат името Македонија?

Инаугурација на претседателката Гордана Сиљановска Давкова во Собранието

Го прекрши ли претседателката Гордана Сиљановска Давкова Преспанскиот договор со изговарањето Македонија без „република“ и без „северна“ при положувањето на свечената заклетва на инаугурацијата во Собранието на 12 мај и дали ќе го прекршува секој пат кога и во иднина во усмениот говор нашата држава ќе ја ословува со Македонија, без да го користи уставното име Република Северна Македонија? Според грчките власти, очекувано, тоа е прекршување на договорот заради што ќе страдаат нашите европски интеграции, а според идната македонска власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, усното изговарање на зборот Македонија не е прекршување на Преспански и нивните функционери и натаму ќе изговараат Македонија, а Договорот ќе го почитуваат.

Дел од стручњаците со кои разговараше „Слободен печат“, очекувано, се со поделени мислења, а голем дел од уставните експерти и професори по меѓународно право засега не сакаат да се изјаснат.

Функционерите на ВМРО-ДПМНЕ и натаму ќе говорат Македонија

По грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис кој говорот на инаугурацијата на Сиљановска го оцени како нелегален и провокативен и како прекршување на Преспанскиот договор и на Уставот на Македонија, вчера и грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис рече дека „од моментот кога меѓународен договор се ратификува во парламентите стекнува моќ повисока од законите и секоја страна мора да го спроведува, дури и да не се согласува со она што е вклучено во договорот“.

– Сите сфаќаме дека новото раководство на Северна Македонија може идеолошки да има поразлично мислење, но постојат прашања што се и над нивната волја. Не се работи за прашање на самоопределување на функционерите, политичарите, ова сите го сфаќаме, туку се работи за почитување на договореното – рече Герапетритис.

Тој истакна дека согласно член 20 од договорот името Северна Македонија не може под никоја околност да се измени, дури ни со заемна согласност, и додаде дека „никаде не се покренува прашање за измена“. За можноста Грција да стави вето на европската перспектива на Македонија, рече дека ветото е „институционално право на земјите членки на ЕУ, а почитувањето на Договорот од Преспа е предуслов за напредок кон Унијата“.

Од ВМРО-ДПМНЕ за „Слободен печат“ повторија дека за нив Преспанскиот договор е реалност и ќе го почитуваат, но нивните функционери и понатаму усно ќе изговараат само Македонија, без „северна“.

– Ги следиме внимателно реакциите после инаугурацијата на новата претседателка. Членството во НАТО и ЕУ е стратешка цел на ВМРО-ДПМНЕ. Целокупната институционална комуникација како и самите институции во врска со имплементацијата на Преспанскиот договор се реалност и како идна влада имаме намера така и да се однесуваме, согласно Уставот и законите. Нема да дозволиме изолација на граѓаните или проблеми за државата поради стратешките грешки на владата на СДСМ и ДУИ кои за да го покријат криминалот и корупцијата потпишуваат катастрофални договори. Основно човеково право е при лична и колоквијална употреба да се користат Македонија и македонски, тоа е слобода на говорот и тоа право ќе го задржиме – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Додаваат дека имаат искрена намера да развиваат блиски и пријателски односи со сите соседи, на чија поддршка сметаат во процесот на евроинтеграциите.

Експертите со поделени мислења

Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во ЕСЧП во Стразбур, вели дека има можност да се толкува дали усната употреба на името Македонија е прекршување на Преспанскиот договор.

– Гордана Сиљановска Давкова ја даде заклетвата како избран претседател, таа не стана претседателка од моментот на свечената изјава, туку ден претходно доби уверение од ДИК дека е избрана за шеф на државата. Употребата на Македонија не е право на самоопределување, таа во моментот на заклетвата веќе е претседателка, не се самоопределува како претседателка, туку учествуваше на избори за избор на претседател на Република Северна Македонија. Секако треба да се спомене и дека она што е законски текст на заклетвата во Изборниот законик не беше усогласено со Преспанскиот договор што е пропуст и досега требало да се усогласи, но Уставот е релевантен кога има проблем во некој закон. Но, таа требаше да го повторува текстот на заклетвата онака како што ѝ ја читаше претседателот на Собранието. Таа вели дека има лично право на самоопределување, но дали тоа може да се изедначи со нејзината позиција претседател на држава? Никој не го спори правото на самоопределување, но тоа не е еквивалентно со обврските на претседател на РСМ. Заклетвата не е механизам за лично право на самоопределување – вели Николовска.

Маргарита Цаца Николовска – судија / Фото: Слободен печат – Драган Митрески

Ако се има предвид зошто се направи Преспанскиот договор и какво прашање се затвори со него, употребата на терминот Македонија може да придонесе за разни толкувања од страна на Грција, па и на Бугарија.

На прашањето дека претседателката во кампањата вети дека ќе говори Македонија и доби 561.00 гласови, па сега може да се смета дека тоа е израз на волјата на мнозинството гласачи, Николовска вели дека е прашање дали само за тоа ветување ги добила гласовите, затоа што во предизборната програма имала и други.

Во врска со тезата дека устен говор не е домашен правен промет и дека ако Сиљановска ги потпишува документите со Северна Македонија, а говори Македонија, судијката Николовска одговори дека таа теза не држи.

Таа додаде дека за да се одговори појасно на сите дилеми е потребна поширока правна анализа.

Васко Наумовски – професор / Фото: Слободен печат – Драган Митрески

Од друга страна, професорот по меѓународно право Васко Наумовски вели дека со усното изговарање на името Македонија не се прекршува Преспанскиот договор.

– Што вели членот 1 за документите кои се исклучиво за внатрешна употреба? Дека ќе се менуваат во рок од пет години по отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со ЕУ. Па така, со отворањето на делот од преговирите за образованието, во рок од пет години треба да се усогласат свидетелствата и сите други документи, во областа финансии, на пример, исто така, ќе се усогласат во рок од пет години од отворањето на преговорите итн. Заклетвата е документ за домашна употреба, ние не ја праќаме ниту во Брисел, ниту во Вашингтон. Излегува дека сега ние сите треба да ја плаќаме грешката што Зоран Заев и претходната власт се истрчаа да употребуваат Северна предвреме и кога треба и кога не треба? – вели Наумовски за „Слободен печат“.

Грчката закана за замрзнување на евроинтеграциите сега нема иста вредност како пред десет години, додава тој, затоа што евроинтеграциите веќе ни се замрзнати.

„Вреди“: Да се расчисти дилемата за усната употреба на името Македонија

Во медиумски настапи деновиве функционерите на идните партнери во владата од Коалицијата „Вреди“ ѝ дадоа поддршка на Сиљановска образложувајќи дека допрва треба да се расчисти усната употреба на името Македонија. Арбен Таравари рече дека не е забрането да се користи терминот Македонија кога се зборува јавно и дека тој лично често вели само Македонија, без употреба на термините „република“ или „северна“. Тој смета дека таа не го употребила уставното име на државата зашто сè уште била под еуфорија на изборите и за да покаже дека има доследност со изборната кампања. Таравари рече и дека е известен дека во иднина претседателката ќе го користи уставното име.

Африм Гаши смета дека Сиљановска има право на свое мислење, но кога ја извршува функцијата за која е избрана треба да употребува Северна Македонија бидејќи тоа носи импликации за целата држава.

– Добро е што претседателката ја потпиша заклетвата на која стои уставното име на државата. Ќе треба да седнеме да разговараме дали ова значи кршење на Договорот од Преспа или не. Дилемата е дали се крши договорот со усната употреба на името Македонија. Ние како „Вреди“ и лично јас ќе го користам уставното име и очекуваме ова да се разјасни. Ако има различни интерпретации, треба да се разговара со нашите соседи, треба да ги почитуваме меѓународните договори и да го продолжиме европскиот пат. Нема да дозволиме за интерпретација на еден член да ризикуваме вето – рече Гаши во интервју за „360 степени“.

Според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски министрите од ВМРО-ДПМНЕ, градоначалниците и новата претседателка ќе го користат терминот „северна“ само тогаш кога законот налага.

– Од формално-правен аспект ќе го почитуваме уставното име само каде што мора, но никој не може да им ја забрани употребата на терминот Република Македонија. Јас сум пратеник четири години и тоа го користам постојано. Ние бевме де факто државни функционери и еве министрите во техничката влада го користат. Не мислам дека би имало ново вето поради ова. И грчките политичари го употребуваат терминот Македонија. Никој во нашата земја не може да ни забрани да го користиме името Македонија. Јас во Собрание постојано го користам – вели Мисајловски.

Според член 7 од Преспанскиот договор, кој им овозможува двете страни да го користат терминот Македонија, страните прифаќаат дека нивното односно разбирање на термините „Македонија“ и македонски“ се однесува на различен историски контекст и културно наследство и во однос на Втората страна, овие термини ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство.

Од Кабинетот на Сиљановска вчера соопптија дека во своите јавни настапи македонската претседателка има право да го употребува името Македонија, како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација, почитувајќи ги основните човекови права и слободи, и согласно европските вредности и начела. Таа ќе се придржува до официјалната примена на  ставното име.

Поранешниот претседател Стево Пендаровски пак, во кампањата го користеше името Македонија, а во интервју рече дека  користењето на името Македонија без придавката северна не е во спротивност со Преспанскиот договор затоа што станува збор за реторика и дека за време на кампањата не гледал потреба да го кажува целосното име Северна Македонија, туку се одлучил само за Македонија.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот