Илустрација: „Слободен печат“ - Елисавета Бејкова
Илустрација: „Слободен печат“ - Елисавета Бејкова

Брачните и вонбрачните другари имаат подеднакво право да наследуваат имот во Македонија

Брачните и вонбрачните другари имаат подеднакво право да наследуваат имот и Законот за наследување не ги дискриминира вонбрачните другари, одлучи Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Ваквото мислење тие го донеле откако примиле претставка во која се тврди дека вонбрачните другари се ставени во понеповолна положба во однос на брачните, односно дека немаат право на наследство од својот починат вонбрачен другар. Слична претставка неодамна беше доставена и до Уставниот суд.

Во претставката се тврди дека голема група на луѓе во Македонија се дискриминирани врз основа на брачен статус, затоа што во членот 12 од Законот за наследување вонбрачните другари не се експлицитно наведени како наследници на умрениот, туку наведени се само брачните другари. Ова според подносителот е дискриминаторско, но не и според Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

-Иако членот 12 од Законот за наследувањето не ги наведува експлицитно вонбрачните другари како наследници на умрениот, сепак со членот 4 став 1 од истиот Закон вонбрачното сродство се изедначува со брачното во поглед на наследувањето што укажува дека вонбрачните другари не се ставени во понеповолна положба во однос на брачните туку напротив, дадена е основа за воспоставување на еднаков третман во пракса помеѓу сродствот окое настанува во рамките на брачна и вонбрачна заедница. Оттука Комисијата заклучи дека одредбите на Законот за наследување не произведуваат индиректна дискриминација кон вонбрачните другари, пишува во одлуката објавена на страницата на КСЗД.

Подносителот на претставката смета дека иако членот 4 во Законот определува дека брачното и вонбрачното сродство се изедначени, сепак членовите 12 и 13 не го содржат вонбрачното сродство на вонбрачниот другар.

Тој истакнува дека брачната и вонбрачната заединца меѓу маж и жена „се изедначени во сите други закони“ – Законот за семејство, Законот за облигациони односи, Законот за сопственост и други стварни права но и во Законот за наследување.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација смета дека ова не е вистина, а на таа линија е и ставот на Министерството за правда. Од Министерството за правда сметаат дека со Законот за наследувањето кој е во сила не е сторена индиректна дискриминација врз основа на брачен статус врз голема група лица односно вонбрачните другари не се ставени во понеповолна положба во споредба со други лица или група на лица.

„Од Министерството за правда информираат дека владата формирала комисија што работи на изготвување граѓански законик составен од 5 дела (општ дел, стварно правни односи, облигационо правни односи, семејно-правни односи и наследно-правни односи). Во книгата 5 „наследно-правни односи“ работната група направи измени за доуредување на одредбите што се однесуваат на вонбрачната заедница“, гласи мислењето на Министерството доставено до КСЗД.

По анализа на позитивните правни норми, Комисијата за спречување и заштита на дискриминација оцени дека одредбите на Законот за наследување не ги ставаат вонбрачните другари во понеповолна положба во однос на наследувањето, споредено со брачните другари.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот