Божиновски за СП: Заедничка влада на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да ги прекине разговорите со Бугарија

Заострената реторика од Бугарија кон Македонија во деновите пред тамошните избори на 4 април  е очекувана, но ќе продолжи и после изборите, односно ќе трае се додека во Македонија не се изгради цврст национален консензус за наметнатиот спор, вели политикологот Владимир Божиновски.

Тој смета дека заедничка влада на национален спас во која ќе учествуваат двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ треба да објави дека ги прекинува разговорите со Бугарија се додека Софија ја застапува уценувачката позиција „земи или остави“ и дека го замрзнува и спроведувањето на Преспанскиот договор се додека не се одмрзнат македонските евроинтеграции. Според Божиновски, тоа ќе го зголеми интересот на Грција Македонија поскоро да се врати во евроинтеграцискиот процес и ќе го зголеми притисокот кон Бугарија.

– Ако сакаш да си дел од играта, треба да имаш и некој ас во ракавот. Јас и по изборите во Македонија говорев, а и сега велам дека само влада во која заеднички ќе учествуваат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ можат да изградат позиција од која ќе можат да се застапуваат националните интереси во спорот со Софија. Бугарија уште од старт го постави проблемот на начин да не се најде решение, а нивната цел е ако можат да ги остварат историските претензии кон Македонија за кои во минатите 80 години немале шанса. Гледаме дека ЕУ не реагира и дека проширувањето не е приоритет, особено што во процесот не мрднуваат напред и земјите што веќе седум години преговарат, као Србија и Црна Гора. Ние со сервилна политика не може ништо да постигнеме, а со овие обиди за секторска соработа после ветото и слично само ја играме нивната игра. Заедничката влада за национален спас треба да рече дека ние со Преспанскиот договор го исполнивме и последниот услов за преговори за членство во ЕУ и не прифаќаме нови услови, а ако немаме напредок кон ЕУ, ќе го преиспитаме и спроведувањето на Преспанскиот договор. Верувам дека така ќе стекнеме повеќе сојузници и дека и Грција ќе притиска Македонија поскоро да ги почне преговорите – вели Божиновски за „Слободен печат“.

Тој додава и дека бугарските политичари до изборите и по нив ќе продолжат со агресивните настапи кон Македонија како примерите од минатите денови со вратените бугарски книги на граница и другите, но „на тоа веќе не треба да му се придава преголемо значење“.

Заедничка влада на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ деновиве е актуелна тема и со разни изјави, анализи и оценки „се испитува теренот“ за нејзината остварливост. Прв ја промовираше премиерот Зоран Заев минатиот месец кој предложи меѓудругото, двете најголеми партии со заеднички напори да го решат и спорот со Бугарија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот