БОРИС БЕКЕР ЗА ЃОКОВИЌ: Му пречи тоа што не е толку популарен како Федерер и Надал

Некогашниот легендарен тенисер и поранешен тренер на светскиот рекет број 1 го анализира потегот на својот некогашен ученик поради кој беше дисквалификуван од САД Опен и му дава неколку совети како да продолжи понатаму.

„Испаѓање од гренд слем за тенисер е исто како фудбалер да добил црвен картон на Светското првенство. Ако го прашавте Дејвид Бекам кој е најлошиот момент во неговата кариера, убеден сум дека тој ќе го избере инцидентот против Аргентина во 1998 година. Кога некој ќе го праша Новак Ѓоковиќ по 10 години, сигурен сум дека ќе ја издвои дисквалификацијата од САД Опен во 2020 година.

Ѓоковиќ ќе го мачи чувство на срам и фрустрација. Тој ќе плати висока цена за испадот, но повеќе ќе го болат некои други аспекти од овој настан. Дури и за мене, како некој кој навистина е поврзан со Новак, одлуката е исправна. Не мислам дека сакал некого да повреди некого кога и да е, тој едноставно ја загуби самоконтролата за момент и мораше да замине.

Сето тоа се случи поради падот на концентрацијата што се случи како резултат на неискористените три сет-топки на 5-4, но сметам дека причините се подлабоки од тоа. Според мене, Новак ја плаќа цената што се зафати со премногу работи, пред и за време на гренд слемот, особено околу водечката улога во тениската организација.

Освојувањето тениски „капиталец“ е ужасно тешко, бидејќи бара фокус кон целта во текот на целиот турнир и подигнување на формата додека играте против најдобрите во светот. Тоа не е сменето уште од денот кога играв и јас. Затоа мислам дека Ѓоковиќ премногу се оптовари, особено околу работите поврзани со новата тениска организација.

На пример, кога на Адријан Манарино му беше забрането да излегува на терен во петокот од здравствени причини, првиот рекет во светот беше оној што побара помош од гувернерот на државата. А таа вечер го играше својот натпревар. Повеќето од најдобрите играчи би му ја препуштиле таа работа на својот агент или на некој друг, но Новак реши самиот да се позанимава со тоа. Не можете врз себе да си правите дополнителен притисок за време на гренд слем.

Се прашувам и дали беше грешка што неговиот долгогодишен тренер, Марјан Вајда, не беше меѓу тројцата членови на стручниот штаб на турнирот. Тој е човек кој има големо влијание врз Новак, некој што го смирува, вистинска фигура на татко, но – тој не беше таму.

Кога бев во тимот на Ѓоковиќ, бев во боксот при инцидентот со фрлањето на рекетот на „Ролан Гарос“ во 2016 година, кој за малку ќе го погодеше линискиот судија. Разговаравме на таа тема подоцна, бидејќи за влакно избегна казна. Знам колкав е притисок на големите натпревари и не можете секогаш да бидете Добриот господин. Му реков: „Викај колку што можеш, скрши го рекетот, но не фрлај нешта наоколу и не го фрлаај топчето на сите страни“. Се плашев дека вакво нешто може да му се случи.

Но, како и кај другите, некои од доблестите на Новак можат да станат недостатоци. Тој е емотивен играч, со менталитет на уличен борец. Тој оган му помогна да стигне до 17 гренд слем трофеи.

Многу го сакам, тој е најскромниот човек меѓу сите суперarsвезди и секогаш мисли повеќе на другите отколку на себе. Новак е високоинтелигентна личност и страшно лојален на семејството и пријателите. Ако сте еден од нив, тој е тип на кого можете да му се јавите во три часот наутро и тој ќе ви помогне. Тој е човек од народот и сака да биде почитуван. Тој игра во ерата на двајца тениски богови, Рафаел Надал и Роџер Федерер, и на некој начин тој е тој што ја расипува таа идила. Сметам дека му пречи што тој генерално не е толку популарен како тие двајцата.

Она што сега би го советувал е да се врати на темелните работи. Тој призна дека направил грешка и важно е да се продолжи понатаму, веднаш ако е можно, бидејќи останува уште малку до почетокот на „Ролан Гарос“. Тој треба да оди дома, да поразговара со својата сопруга Јелена, која најдобро го познава, да разговара со Вајда, да се врати на теренот, да тренира и да се фокусира само на тенисот. „Ролан Гарос“ отсекогаш бил најпредизвикувачкиот гренд слем за него, но ако го стори сето ова, би било крајно глупаво некој однапред да го отпише.

(колумната е објавена во англискиот весник „Дејли меил“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот