Боки 13 и Кичеец му „продавале“ олеснувања на Камчев, Катица испорачувала

Драги Митрески

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција вчера го поднесе обвинението за случајот „Рекет“, во кое се обвинуваат три лица  Бојан Јовановски – Боки 13,  Катица Јанева и Зоран Милевски – Кичеец за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“, „перење пари и други приноси од казниво дело“, како и за „злоупотреба на службена положба и овластување“, соопшти Обвинителството.

Според Обвинението, првообвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13, од лани во ноември до април годинава, влијаел на второобвинетата Катица Јанева да ја олесни положбата на притворениот сведок Орце Камчев, кој во предметот „Империја“ е еден од осомничените. Третообвинетиот Зоран Милевски – Кичеец ги договарал средбите на Јовановски со сопругата на Камчев, а подоцна и со Камчев, уверувајќи ги во неговото влијание врз тогаш специјалната јавна обвинителка Јанева.

Откако Јовановски и Милевски ги добиле договорените 500.000 евра од сопругата на Камчев, Јанева доставила предлог за куќен притвор за Камчев, што Судот го прифатил, а по исплатата на првите 1.000.000 евра, Јанева дала писмена согласност за времено враќање на пасошот на Камчев. Јанева при тоа, велат од ЈОРМ, за себе прибавила имотна корист – мебел од 296.040,00 денари и пари во износ од 50.000 евра, а за противзаконито влијание другите двајца обвинети примиле награда од 1.500.000 евра.

„Првообвинетиот Јовановски, иако невработен, со блокирани трансакциски сметки и без приход, на почетокот на оваа година купувал за себе луксузен мебел, облека и обувки и престојувал во луксузни летувалишта – ресорти надвор од нашата земја што упатува дека ги пуштил во оптек паричните средства што ги прибавил со кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“, наведува ЈОРМ.

Покрај Обвинение, Обвинителството поднело и барање за продолжување на изречените мерки за претпазливост за обвинетите.

Шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал, Вилма Русковска смета дека парите биле пуштени во промет затоа во обвинението во случајот „Рекет“ е содржано и делото перење пари.

– Вештачењата кои беа направени последни донесоа важни докази. Имаше интерес кај некои од осомничените за спогодба, не се поднесе званично барање, но побараа спогодба. Ќе видиме што ќе биде – изјави Русковска.

Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција завчера ја прошири истрагата за „Рекет“ врз уште пет физички лица и едно правно лице.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот