Блумберг: Европската комисија разгледува забрана за опрема на Хуавеј и ЗТЕ од 5G мрежите

Европската комисија денес разгледува воведување закон со кој постепено ќе се укине употребата на опрема од кинеските компании Хуавеј и ЗTE во телекомуникациските мрежи на земјите-членки.

Новите правила за прв пат би можеле правно да ги обврзат земјите-членки да се придржуваат кон безбедносните препораки на Брисел, објави Блумберг, повикувајќи се на анонимни извори.

Потпретседателката на Комисијата, Хена Виркунен, предлага претходно необврзувачките упатства од 2020 година да се претворат во правна рамка, што би можело да доведе до правни мерки и финансиски казни за игнорирање на безбедносните правила. Планот, исто така, вклучува ограничувања за кинеските добавувачи во проекти за изградба на оптички мрежи, кои се клучни за побрзото воведување на широкопојасен интернет во Европската Унија.

Брисел ги засилува напорите за зајакнување на дигиталната безбедност и намалување на технолошката зависност од Кина, откако односите меѓу двете страни се затегнаа во последните години. Хуавеј и ЗTE не коментираа за извештаите за можна забрана.

Неколку земји-членки веќе воведоа слични мерки. Германија минатата година одлучи да ја забрани употребата на клучни компоненти од кинеските компании во 5G инфраструктурата од 2026 година, додека Финска планира дополнително да ја прошири забраната на нови мрежни сегменти.

Соединетите Американски Држави претходно ги убедија своите европски сојузници, вклучувајќи ги Обединетото Кралство и Шведска, да ја ограничат или целосно да ја отстранат опремата на „Хуавеј“ од нивните системи, поради страв дека Пекинг би можел да ја користи за сајбер шпионажа или да ги прекине комуникациите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот