Битола доби туристичка патека „Стара чаршија“

Фото: Слободен печат/Васка М. Младеновска

Во рамките на збогатување на туристичката понуда на Битола, градот под Пелистер ја доби туристичката патека „Стара чаршија“.

Оваа туристичка патека е промовирана во рамките на проектот „Знаење, заштита и вреднување на старите урбани јадра во Македонија и Албанија“.

Во Битола се поставени голем број на паноа на три јазици македонски, англиски и француски. Таблите се изработени со графика и имаат код кој туристите ги поврзува со станица каде можат да се најдат повеќе податоци за објектите и локациите. Со реализацијата на овој проект се истакнуваат од незаборав големиот број значајни културно-историски објекти во чаршијата, а преку информативните табли, туристите, но и локалните жители ќе можат повеќе да се информираат за Безистенот, реката Драгор, Старата чаршија, Ликовната колонија Монмартр, занаети, чешми, гостилници, џамијата „Хаџи Махмуд Беј“, Зелениот пазар и „Амам Дебој“.

– За нас како Општина, особено е значајно стекнатото искуство преку вмрежувањето на експерти и примери од француските градови за начинот на кој таму е третирано и се обележува културното наследство, а со нивна поддршка, сега истото се применува и кај нас.Особено сакам да го потенцирам задоволството од соработката со Француската амбасада и со почесниот конзул на Франција со чија поддршка во Битола веќе се реализирани два проекти од слична област, а со овој трет проект, се потврдуваат партнерските односи и продлабочувањето на заедничките релации. Битола е град кој дише со историја, култура и традиција на секој чекор, особено во централното градско подрачје, каде што секој споменик, секоја куќа, секој сокак, секоја калдрма, во себе носи своја приказна. Колку повеќе приказни обелодениме, ги извадиме на површина и ги раскажеме, толку повеќе туристите, посетителите, но и ние самите, ќе знаеме за сопствената историја, култура, традиција, обичаи и наследство. Со реализацијата на проектот „Туристичка патека „Стара чаршија“ од денес сите заедно, ќе започнеме да раскажуваме една нова приказна, за Старата битолска чаршија. Денеска ќе ја прошетаме туристичката тура, ќе ги обиколиме објектите, таблите, ќе прочитаме повеќе и верувам дека иако секој од нас ги знае објектите, преку поставените информативни табли ќе научи нешто повеќе за назначените локации. Преку овој проект, но и слични на него, ќе им оставиме видлива историја на младите, кои денес се исто така тука со нас, да знаат во каков град живеат, да ја сакаат неговата историја, да ја чуваат и негуваат, рече градоначалникот на Битола, Тони Коњановски на промоцијата на туристичката патека „Стара чаршија“.

Поздравувајќи ја реализацијата на проектот за изградба на туристичката патека „Стара чаршија“ амбасадорот на Франција во Македонија Сирил Бомбгартнер изјави:

– Забележувам дека овој проект ги дава потребните резултати и сите работиме на една тема која ни е при срце, а тоа е зачувувањето на културното наследство, рече францускиот амбасадор Бомбгартнер.

Инаку, овој проект Општина Битола го реализира во партнерство со Асоцијацијата места и градови со исклучителни вредности во Франција „Sites & Cites“, Асоцијацијата на архитекти на Македонија, професионалци и експерти за културно наследство и урбанизам од земјите учеснички, како и експертите за културно наследство и туризам од Битола, ЗЕЛС и други партнери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот