Битка за ранетите: Пет децении од најпознатиот партизански филм „Неретва“ (ФОТО)

Imbd

Во некогашната југословенска кинематографија, која низ годините беше оценувана со мошне високи оценки, посебно место заземаа партизанските филмови со кои беше овековечена ослободителната борба на народите и народностите.

Од „Капетан Мики“, и „Козара“ преку „Валтер“, и „Девојачки мост“, до убедливо најскапиот „Битка на Сутјеска“. Стотици филмови и ТВ серии беа снимени на оваа тематика, што секако беше и добро смислена доктрина од државниот апарат, кој почиваше на народноослободителната борба и приказот на братството и единството во Титовата Југославија.

Imbd

Но, еден од овие филмови има посебно место кај публиката од тоа време, а интересно популарен е и кај гледачите, кои се родени по крвавиот распад на југословенската заедница. Се работи за „Битка на Неретва“, култниот филм во режија на Вељко Булајиќ, со кој за првпат на нашите простори е доведена холивудската елита, претставена од Софија Лорен, Омар Шариф, Орсон Велс, Јул Бринер, потоа големата светска ѕвезда од тоа време Франко Неро, како и советскиот оскаровец Сергеј Бондарчук, еднакво успешен како режисер, актер и сценарист. Официјалниот постер на филмот го изработил никој друг туку славниот уметник Пабло Пикасо, кој наместо со хонорар за трудот бил исплатен со неколку шишиња вино. Секако дека и кремот на тогашното југословенско глумиште е присутен на почетокот на снимањето, што се одвива во Сараево. Тука се Милена Дравиќ и Неда Арнериќ, Бата Живојиновиќ и Борис Дворник, Драган Николиќ и Љубиша Самарџиќ. Буџетот на филмот изнесувал 12 милиони долари, со што е еден од поскапите во тоа време, но интересно „Неретва“ не е најскапиот југословенски филм, иако е убедливо најпопуларниот.

Imbd

Врв на уметноста и комунистичката пропаганда

Филмот е премиерно прикажан пред 50 години, а влијанието што го има допира и до денешен ден. Во 1969 година е номиниран за Оскар, во категоријата најдобар светски филм, постигнувајќи сензационален успех во киносалите во повеќе земји.

– Ретко дека некој европски филм од тоа време можел да се нарече спектакл, каков што е „Битка на Неретва – вели филмскиот критичар Мирољуб Стојановиќ.

Овој филм е оценет како врв на филмската уметност, но и како парадигма на комунистичката пропаганда.
– Далеку од тоа дека треба да се колнеме во филмот, но за жал многу малку имаме разбрано од вистинската порака што ја носи со себе – додава Стојановиќ.

Мила Тураљиќ е авторка на документарниот фулм „Синема партизано“, а за „Неретва“ вели дека е значаен од продукциска гледна точка, но и како политички производ.
– Имаше и други скапи продукции во тоа време во Југославија, но ниту еден не беше ниту одблизу на уметничкото ниво како филмот на Вељко Булајиќ. Сметам дека е нефер „Нертва“ да се става во истиот кош на филмови, кои се оценети како пропагандистички – вели Тураљиќ.

profimedia

Таа оценува и дека овој филм е споменик на една кинематографија, која згасна со пропаста на државата.
– Некои луѓе постојано го оценуваат како пропагандистички филм, иако „Битка на Неретва“ е многу повеќе од тоа – додава авторката, тврдејќи дека трајната популарност на филмот е доказ дека се работи за многу сериозен и добар воен филм.

За потребите на филмот еден мост е урнат, поправан и повторно урнат, но поради густиот чад ништо не можело да се сними. Потоа истата сцена е направена во филмското студио во Прага, каде што во лабораториски услови е довршено снимањето. Тоа денеска звучи тривијално, но култната сцена во која партизанските команданти примаат рапорт дека сите мостови на реката Неретва се урнати, едноставно не би била возможна без снимената сцена на рушење на мостовите.

Во снимањето на филмот се вклучени и бројни припадници на Југословенската народна армија, а од војската се донирани авиони, тенкови, оружје, артилериски орудија и школска муниција. Филмот тоа го прави грандиозен, со кадри во кои можат да се забележат и десетици илјади статисти. Во тоа време слични филмови биле само класиците „Клеопатра“ и „Бен Хур“. Затоа и тезата дека со „Неретва“ во Југославија дошол Холивуд за многумина е точна.

– Холивуд беше и претходно присутен во Авала филм и Јадран филм. Но, тоа важи за големината на овој проект, на кој не се жалеа пари ниту на актери, ниту на ресурси – вели белградскиот професор Алесандар С. Јанковиќ.

Во тоа време се тврдело дека за снимањето се потрошени 4,5 милиони долари, но до цифрата од 12 милиони, се доаѓа доколку се пресметаат трошоците на армијата. Интересо е и дека Бата Живоиновиќ и Љубиша Самарџиќ заработиле огромни хонорари, додека Борис Дворник глумел бесплатно, бидејќи во тоа време бил на отслужување на воениот рок.

profimedia

Најзначајниот филм од „црвениот бран“

„Битка на Неретва“ е најзачнајниот филм снимен од редот на т.н „црвен бран“. Иако филмови со слични буџети и сцени беа снимани и пред и потоа, како „Ужичка Република“, „Сутјеска“, „Козара“ итн., сепак ниту еден од нив не можеше да го повторни комерцијалниот успех што го достигна филмот на Булајиќ.

– „Неретва“ е создаден како филм што ќе им се допадне на странците. Намерно е правен да ѝ се претстави на светската публика – смета Тураљиќ.

Филмот претставувал голема победа на комунистичкиот режим, а за многумина победата била поголема од онаа извојувана во Втората светска војна и четвртата непријателска офанзива.

– Секако дека најемотивна сцена е кога сите ја пеат песната „Паѓај сило, паѓај неправдо“ или последната сцена кога Бата Живоиновиќ сигурно чекори по средината на широкиот кадар, а околу него се насобрани цивили и ранети. Историските факти се сменети до ниво на апсурд, но улогата на филмот не е во тоа да биде историски точен. Филмот е заводлив, сентиментален и грандиозен во секаква смисла. Ентузијазмот и вложените пари се огромни, но Булајиќ успеа да го надмине и уште поскапото продолжение „Сутјеска“, во кој улогата на Јосип Броз Тито ја толкуваше прославениот Ричард Бартон – тврди професорот Јанковиќ.

Несомнено дека за „Битката на Неретва“ уште долго време ќе се дебатира, а на многумина и натаму ќе им остане пропагандата која е извршена со филмот. Сепак, сигурно е дека овој филм ќе биде гледан и славен и во наредните децении, како ниту еден друг снимен во тоа време.

imbd

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот