Бислимоски: Истата цена на струјата ќе остане најмалку до крајот на годината

Марко Бислимовски / Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Цената на електричната енергија секогаш се утврдува во јуни и важи најмалку до крајот на декември, а потоа се распишува нов тендер за набавка на електрична енергија за потребите на регулираниот пазар

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски вели дека сега не гледа причина за поскапување на електричната енергија за домаќинствата иако цената на светските берзи се зголеми на 140 до 150 евра за мегават-час и порачува дека актуелната цена ќе остане најмалку до крајот на декември.

– Засега не гледам причини за корекции на цената на електричната енергија и нема причина да се прави каква било паника. Граѓаните треба да бидат мирни зашто АД ЕСМ го покрива пазарот во целост и ги обезбедува потребните количини електрична енергија за Универзалниот снабдувач по цена од 36 евра за мегават-час – изјави Бислимоски.

Тој нагласи дека цената на електричната енергија секогаш се утврдува во јуни и важи најмалку до крајот на декември, а потоа се распишува нов тендер за набавка на електрична енергија за потребите на регулираниот пазар.

– На новиот тендер АД ЕСМ повторно ќе има понуда за снабдување на Универзалниот снабдувач со електрична енергија и не мислам дека може да се очекуваат промени – посочи Бислимоски.

За зголемувањето на цената на електричната енергија на светските берзи, Бислимоски смета дека е инцидентно и  резултат на повеќе фактори, меѓу кои и шпекулации што влијаат и врз домашниот пазар.

– Цените на берзите се зголемуваат на слободниот пазар, но во принцип никаде во Европа нема зголемување на трошоците на производство, така што ова пред сè е шпекулативно направено. Станува збор за инцидентна ситуација – вели Бислимоски.

Според Бислимоски, РКЕ се бори да ги задржи снабдувачите и врши притисок тие да си ги завршат обврските што ги презеле кон компаниите што ги снабдуваат.

– Има такви што ги гарантираат цените, но започнавме постапка за некои од нив, кои се покажаа несериозни и незаконски ги откажаа договорите. Дел од компаниите имаат проблеми во снабдувањето со електрична енергија, но за тоа ние како регулатори не можеме повеќе да сториме. За тој дел на потег е државата, односно Владата – порача Бислимоски.

Како што е познато, компаниите што сами набавуваат струја преку снабдувачите се пожалија дека сметките им се зголемиле и за 100 проценти за една година. Од друга страна, дел од снабдувачите еднострано ги откажаа договорите затоа што не им беше исплатливо тие да платат повисока цена за струјата, од онаа што им е одредена во договорите за еден дефиниран период.

ВИДЕО | Синот на Муса Џафери го нападнал претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски

Заев: Ќе помогнеме да се амортизира ударот од инфлацијата

Премиерот Зоран Заев смета дека претерано е кажувањето на прехранбениот сектор дека до крајот на годината цените на некои прехранбени производи ќе се зголемат и за 50 проценти. Но, како што вели тој, Владата е тука да помогне да се амортизира ударот од инфлацијата.

– Ние имаме стоковни резерви и во однос на храната, ако е потребно ќе пуштиме одредени количини од нив на пазарот за да се амортизира инфлацијата – вели Заев.

Тој потенцираше и дека ние сме отворена економија, која зависи од цените во светот.

Во однос на цената на електричната енергија, Заев рече дека растот на цената на светските берзи е нормален во време на нагло закрепнување и зголемување на бруто-домашниот производ во сите земји, што е поврзано со зголемена употреба на струја.

– Кај нас, во просек, цената на електричната енергија во цената на чинење на производите е околу 3 проценти. Секако, некаде таа има многу поголемо учество, а некаде помало. Ние како Влада семе тука да помогнеме, секогаш кога е потребна помош – нагласи премиерот Заев.

 

 

Видео на денот