Бесплатен влез во сите музеи низ државата на 18 мај – Меѓународниот ден музеите

Меѓународниот ден на музеите 18 мај е датум кој музејските институции низ светот со разновидни активности го одбележуваат од 1977 година. На овој ден, музеите во земјава традиционално ги отвораат своите врати и овозможуваат бесплатен влез за посетителите со цел да го доближат движното културно наследство до што поголем дел од јавноста.

Музеите, освен својот придонес како платформа за размена на идеи и знаења, имаат значајна улога во промоцијата на одржливост и благосостојба, можат да инспирираат, да образоваат и да иницираат позитивни промени во различни аспекти на животот за сите нас.

Постојат многу начини за музеите да придонесат за постигнување на целите за одржлив развој: од поддршка на климатските активности и поттикнување на инклузивноста, до справување со социјалната изолација и подобрување на менталното здравје.

Меѓународниот ден на музеите се одбележува на 18 мај – датум избран на Генералното собрание на Меѓународниот совет на музеите – ИКОМ во 1977 година во Москва. Целта на одбележувањето е да се насочи вниманието на јавноста од целиот свет кон музејската дејност.

Во пресрет на одбележувањето на Меѓународниот ден на музеите кај нас на 17 мај, во Музејот на современата уметност во Скопје, се одржа Советување кое е традиционално организирано од страна на Здружението Македонски национален комитет на Меѓународниот совет на музеите (МНК ИКОМ) уште од 1994 година.

Согласно ваквата востановена пракса на МНК ИКОМ, оваа година Советувањето беше на тема „Музеи, одржливост и благосостојба“. Советувањето е поддржано од Министерството за култура на Република Северна Македонија, во рамките Годишната програма за финансирање на проекти од национален интерес во културата за 2023 година.

На Советувањето на тема „Музеи, одржливост и благосостојба“ по петнаесетти пат беше доделена и традиционалната награда „18 Мај – Меѓународен ден на музеите“ за особени достигнувања во музејската дејност за 2022 година.

Според Комисијата за доделување на наградата „18 Мај – Меѓународен ден на музеите“ за особени достигнувања во музејската дејност за 2022 година награди се доделија на повеќе музеи и музејски работници, како Музеј на годината на НУ Национална галерија на Република Северна Македонија; Музејски проект на годината на НУ Спомен куќа на Мајка Тереза за проектот „Двете рози на Исус“, автор: Цветанка Вучковска – Митовска; Музејски работник на годината на м-р Ана Франговска, виш кустос од НУ Национална галерија на Република Северна Македонија.

Пофалници се доделија на следните музејски институции и работници: Музејски проект на годината на Меморијален центар на холокаустот на Евреите од Македонија за проектот „Покривање на постојаната поставка со Брајова азбука и знаковен јазик како еден мегапроект за инклузивност“; Музејски проект на годината на НУ Завод и музеј Битола за проектот „Грло елемент од народна носија“, автор: Наде Геневска Брачиќ; Музејски проект на годината на НУ Музеј на Република Северна Македонија за публикување на изданието „Македонски Сокај“, автор: Горданче Видиниќ; Музејски проект на годината на ЈУ Музеј на град Скопје за проектот „Точки на интерес“, автор: Станимир Неделковски; Музејски проект на годината на НУ Музеј на Република Северна Македонија за проектите „Гозби за живите, претците, боговите и светците“ и „Повеќе од зборови – Благоја Дрнков во етнолошката музејска архива“, автор Јован Шурбановски; Музејски работник на годината на д-р Ирена Ружин од НУ Завод и музеј Битола и Музејски работник на годината на Климент и Биљана Балеви од НУ Завод и музеј Охрид.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот