Беса во Тетово со ВМРО-ДПМНЕ, во владата со СДСМ?

Фото: Слободен печат/Драган Митровски

Локалните избори создадоа нова конфигурација на локалната власт во двата најголеми градови населени претежно со Албанци во Полошкиот регион, Тетово и Гостивар. Во вториот круг од локалните избори Движењето Беса, кое е во коалиција со СДСМ на премиерот Зоран Заев, мораше да коалицира со опозициската ВМРО-ДПМНЕ на локално ниво и со Алијанса за Албанците (АА) на Зијадин Села за да ја добие битката во трката за градоначалник на Тетово од ДУИ и Али Ахмети, чиј кандидатка Теута Арифи ја имаше поддршката од сите партии во владејачката коалиција, од СДСМ до ДПА на Мендух Тачи.

Новоизбраниот градоначалник на Тетово, а истовремено и претседател на Движењето Беса, Билал Касами, изјави дека не разговарал со Алијанса за поделбата на власта на локално ниво во Тетово, но верува дека лесно ќе се договорат.

– Договорот со АА беше договор на меѓусебна доверба, не се работеше за споделување на колачот и позициите. Алијансата за Албанците нè поддржа безусловно во однос на позициите на локално ниво. Моја одговорност е сега да седнам со АА и да ги поделам обврските во раководењето на Општина Тетово. Во моментов немаме формализирано никакво мнозинство во Советот на општината, но според она што нè поддржаа АА, независната листа за „За подобро Тетово“ и директната поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, ќе седнеме со сите, освен со ДУИ и ДПА, и со сите советници надвор од партиските дресови во интерес на граѓаните – изјави Касами.

На прашањето дали функцијата секретар на Општина Тетово ќе ѝ припадне на ВМРО-ДПМНЕ, Касами рече дека таа функција досега била на СДСМ, па, како што рече, „тоа не е невозможно, бидејќи немам предрасуди кон никого“.

Освен тоа, од ВМРО-ДПМНЕ треба да биде и еден директор на училиште во Тетово. На Алијансата за Албанците се очекува да ѝ бидат дадени неколку директорски места во училишта, општински инспекторати и некое општинско јавно претпријатие. Граѓанската иницијатива „За подобро Тетово“, која главно се занимава со политики за животна средина, се очекува да преземе некоја функција од оваа област. Како што дознава „Слободен печат“, она од што партијата на Касами нема да се откаже е претседателската функција на Советот на општината.

За разлика од Тетово, во Гостивар ситуацијата е појасна. „Слободен печат“ дознава дека ВМРО-ДПМНЕ во Гостивар ќе има директор на основно училиште, директор на средно училиште и директор на градинка. Овие функции ги извршуваше и кога владееше на локално ниво со ДУИ во Гостивар. Турската партија најверојатно ќе го добие директорското место за млади и спорт во Гостивар, додека претседателот на општинскиот совет, секретарот на општината, општинското претпријатие „Комуналец“, „Паркови и зеленило“ ќе ги предводат кадри на Алијансата за Албанците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот