Берлинскиот процес „пропаѓа“ во балканскиот процеп

Различни се проценките дали и колку Македонија и Бугарија успеаја да ги соберат плодовите од копретседавањето со Берлинскиот процес, чии заложби се политичко и економско зближување на земјите од Западен Балкан и достигнување на европските стандарди пред официјалното зачленување во Унијата.

Помпезно најавуваното претседателство на Скопје и Софија по се изгледа се исправи пред бројни пречки, па оттаму остана отворено за дискусија прашањето дали двете балкански земји му покажаа на Брисел дека може да работат заедно, какви што беа минатогодишните очекувања на премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов.

Од Институтот за демократија, кој модерира голем дел од активностите од копретседателството со Берлинскиот процес, потврдуваат дека, поради приликите, станува збор за „специфично“ претседателство.

-Има одредено потфрлување во однос на првичните очекувања, иако, дури и во услови на глобална пандемија, претседателството успеа да организира повеќе министерски состаноци. Целта на ко-претседателството е да се покаже дека преку заеднички напори на земјите-членки на ЕУ, во овој случај Бугарија, и земјите кандидатки, во овој случај Северна Македонија, регионот на Западен Балкан може да оди напред со забрзано темпо. Исто така, ова беше напор од страна на Германија да ги поттикне двете земји подлабоко да соработуваат на полето на регионална соработка, вели раководителот на центарот за евроинтеграции, Зоран Нечев.

Од друга страна, Весела Чернева, шефицата на софиската канцеларија на Европскиот совет за надворешни работи, за Слободен печат, оценува дека генерално министерствата за надворешни работи од двете земји го поддржувале процесот, но големи предизвици во неговото менаџирање биле ситуацијата со Ковид-19, но и предвремените парламентарни избори во Македонија.

Досега од МНР единствено се пофалија дека за време на нашето претседавање бил направен значаен исчекор на економско поле, со тоа што бил усвоен текстот за Акциониот план за регионален пазар, кој би опфатил 18 милиони жители, а воедно се ставил акцент на т.н. „зелени коридори“ и патувањето со лични карти.

Политиката го однесе пехарот, економијата во втор план

Сепак, шефот на дипломатијата Бујар Османи истакна дека допрва ќе се видат опипливи резултати за граѓаните, а бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов нагласи дека очекувал поблиска соработка меѓу администрациите на двете земји. Покрај дипломатите и пошироката јавност е со скромни оценки за она што до моментов е сработено.

-За жал ние не извлекуваме максимум ниту од ИПА фондовите, ниту од ИПАРД програмата, а уште помалку од Берлинскиот процес. Впрочем, не знам дали и можевме да имаме којзнае какви шанси поради корона кризата, но претстои уште време, изјави политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

Тој додава дека Берлинскиот процес е засенет од политичките односи на релација Скопје-Софија и потенцијалната кочница за евроинтегративниот пат на Македонија иако не верува дека ќе дојде до вето. Далеку потврд во ставовите е претседателот на Македонско-бугарската стопанска комора, Кирил Лазаров, според кого Берлинскиот процес, но и економските односи патат од балканизмот.

-Со копретседателството на Македонија и Бугарија требаше да ги подобриме економските параметри, но тоа не се случи. Имавме подобрување на трговската размена и инвестициите меѓу двете земји по потпишувањето на Договорот за добрососедство, но во последно време неумесните изјави на дел од бугарските политичари и играњето „топло-ладно“ во односите се одразуваат и на економијата, вели стопанственикот Лазаров.

Надеж дека прашањето на стандардот на граѓаните ќе ги надвладее отворените прашања споделуваат и од Институтот за демократија, но прогнозираат дека токму клучниот Самит во Софија на 9 и 10 ноември ќе биде клучен и од политички аспект.

-Дали исполнувањето на оваа цел ќе падне во сенка на отворените прашања на двете земји останува да видиме до крајот на ко-претседателството, односно самитот во Софија, каде ќе се направат последните напори како од страна на двете земји, така и од страна на Германија, како иницијатор на Берлинскиот процес, да се надминат разликите меѓу Северна Македонија и Бугарија и конечно да се поплочи патот на земјава до првата Меѓувладина конференција во декември 2020 година, додава Нечев.

Меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, за Слободен печат дава оценка дека МНР се справува со задачата од копретседателството на Берлинскиот процес.

-Самото менаџирање со Берлинскиот процес по својата природа е техничко, а не политичко. Би се согласил дека тука се усложнува процесот поради тоа што не може да се организираат настани со физичко присуство, но колку што следев имаше повеќе иницијативи од гледна точка на експертски дебати, политички дебати, кои дел се случуваат онлајн и во таа насока мислам дека веројатно институциите, претежно МНР, извлекле максимум, земајќи ги предвид специфичните околности, проценува Муцунски, додавајќи дека самиот процес придонесува за економска и политичка стабилност, но изразува загриженост доколку биде нанесена сериозна црна дамка со можното вето на Бугарија за пристапните преговори за членство на Македонија во Европската унија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот