Белгија истражува дали нејзиното оружје било користено во Русија

Белгија ќе побара од Украина појаснување за извештаите дека пушките произведени во Белгија биле користени од проукраинските сили за борба против руските војници внатре во западната граница на Русија, изјави во понеделникот белгискиот премиер Александар Де Кро, пренесува „Ројтерс“.
„Вашингтон пост“ во саботата објави дека борците против Кремљ кои минатиот месец извршија прекуграничен напад од Украина во рускиот регион Белгород користеле тактички возила првично дадени на Украина од Соединетите држави и Полска и носеле пушки направени во Белгија и Чешка.
„Нашето министерство за одбрана и неговите разузнавачки агенции започнаа истрага и бараат информации за да се утврди што точно се случило. Европското оружје се доставува до Украина под услов да се користи на украинска територија со цел да се одбрани таа територија. И имаме строги контроли за да видиме дека тоа е така“, рече Де Кро за белгиското радио 1.
Де Кро одби да коментира за можните последици доколку се потврдат извештаите.
„Овде не смееме да се понапредиме“, рече премиерот. „Но, ние ја анализираме ситуацијата и ова би го сфатиле многу сериозно“.