Белен со порака: Останете на европскиот пат, не ги драматизирајте уставните измени

Ги разбирам фрустрациите од долгото траење на процесот, но треба да се искористи овој зголемен интерес во ЕУ за проширувањето и за регионот и да не се губи дополнително време. Лично се надевам дека промената брзо ќе се случи, порача Ван дер Белен на прес-конференцијата со авојот домаќин, претседателот Стево Пендаровски, кој рече дека, ако ги вметнеме Бугарите во Уставот, нема да пропадне државата, ниту да се загрозат македонската сувереност, независноста и европскиот пат.

Со порака да не се драматизира барањето за внесување на Бугарите во Уставот, а пратениците да разберат дека од нив зависи кога земјава ќе ги почне и колку брзо ќе ги помине следните чекори во преговорите со ЕУ, австрискиот претседател Александер ван дер Белен денеска го заврши политичкиот дел од неговата дводневна официјална посета на Македонија.

На заедничката прес-конференција со својот домаќин претседателот Стево Пендаровски, откако го изнесе својот став за неопходноста од уставните измени, Белен најави дека во Собранието ќе ги замоли сите пратенички групи длабоко да размислат што ризикуваат долгорочно со негласањето за следниот чекор, односно за промените на Уставот. Тоа и го стори. Пред пратениците кажа дека не верува оти ќе се повторат разговорите од јули минатата година пред да ги почнеме преговорите.

– Заштитата на малцинствата се подразбира тука во Северна Македонија така што овој чекор не треба да се драматизира. Северна Македонија е пример во регионот во однос на заштитата на малцинствата, и тоа не се однесува само на албанското, туку и на сите други. За да продолжи брзо процесот на преговори со ЕУ, уште еден дополнителен чекор би бил од помош, а тоа е промена на Уставот. Ги разбирам фрустрациите од долгото траење на процесот, но треба да се искористи овој зголемен интерес во ЕУ за проширувањето и за регионот и да не се губи дополнително време. Лично се надевам дека промената брзо ќе се случи, порача Ван дер Белен на прес-конференцијата со Пендаровски.

Тој отворено зборуваше за францускиот предлог и кажа дека е свесен оти Македонија направи тежок, но вистински избор. Местото на земјава е во ЕУ и е на вистинскиот пат, а Австрија ќе продолжи да нѐ поддржува. Истовремено нѐ охрабри да бидеме мотивирани и концентрирани и со конкретни резултати за да ги увериме земјите во ЕУ дека заслужуваме членство.

– Убедени сме дека ќе успеете да ги направите уставните измени. Треба да се гледа напред, да се работи во насока на заедничка европска иднина. Знам дека ова е тежок пат за вас, фрустрацијата е разбирлива, но ве молиме немојте да ја изгубите целта од вид – апелираше Ван дер Белен, споменувајќи ја Хрватска за пример како треба да се обединиме и како да работиме за да стигнеме до Европската Унија.

Претседателот Пендаровски, пак, на заедничката прес-конференција, одговарајќи на прашања за уставните измени, порача дека Македонија нема да има никаква штета ако заедницата од 3,5 илјади Бугари влезе во Уставот.

– Нема да пропадне државата ако ги вметнеме Бугарите во Уставот. Нема да се загрози ни македонската сувереност, ни независноста, ниту европскиот пат ако се направи овој чекор – рече Пендаровски.

Тој уште кажа дека оние што мислат дека преговарачката рамка со ЕУ не е добра и дека кога би дошле на власт би направиле подобра, тие не знаат како функционираат механизмите во Европската Унија.

– Ако може некој да испреговара подобра преговарачка рамка, јас прв ќе им честитам. Но, ги предупредувам дека нема шанса да се преговара една работа што е договорена со 27 членки. Таа преговарачка рамка е договарана неколку месеци, Франција беше само посредник, но сите други членки, вклучително и Бугарија, се согласија. Утре може да имате најдобра идеја, но ако сите членки не се согласат, останува оваа преговарачка рамка – рече Пендаровски.

Претседателот на државата најави дека деновиве во рамките на Министерството за правда ќе се формира работна група од експерти, која треба да почне да ги составува амандманите и во која ќе има експерти предложени од Владата и од претседателот.

– Очекуваме оваа работна група брзо да излезе со конкретна содржина на предлог-амандман или на амандмани, по што тие влегуваат во собраниска процедура. Ако нема две третини мнозинство и уставни промени, ќе бидеме повторно блокирани, но сега со сопствена одлука. Се надевам дека единствениот пат до две третини е да се разговара со пратениците од опозицијата, не сакам да видам друг пристап до тоа мнозинство – порача Пендаровски, додавајќи дека, според него, самата содржина на амандманот е бенигна.

Доколку опозицијата реши да не учествува ни во работната група ни во собраниската Комисија за уставни прашања, јасно е дека и во случај тој да организира средба опозиционерите, тие нема да учествуваат. Претседателот мисли дека грешат, ги повика да се вклучат и да ги кажат своите аргументи, а смета дека работата на групата да биде пренесувана во живо за да се види јавно соочувањето на аргументите.

На новинарско прашање дали може да се добијат и нови условувања со нови прашања во ЕУ-процесот, Пендаровски објаснуваше дека условите што во последниве две години ни ги поставува Бугарија, никој не можеше да ги предвиди, ниту во Брисел ниту овде.

– Во 2017/19 година, кога правевме уставни измени и го сменивме името, беше ветено дека нема да има нови барања. Во тој консензус беше и Бугарија. Нашето референдумско прашање беше дали да се додаде Северна во името за да станеме членка на НАТО и да почнеме преговори со ЕУ. Верувавме дека нови барања нема да има. Граѓаните оправдано прашуваат дали ќе има и нови барања од друга или од истата земја ако ги направиме овие уставни измени. Верувам дека такво нешто нема да се случи. Кредибилитетот на ЕУ, како заедница – шампион за почитување човекови права, сега е овде драстично нарушен, зашто сме единствена земја што го сменила името, а сè уште чека во предворјето на ЕУ. Да се проблематизира нешто што нема врска со вредносните принципи на ЕУ и тоа со историски прашања е недозволиво – рече Пендаровски.

Ван дер Белен, кој на почетокот на официјалната посета престојуваше во Охрид, во земјава дојде со претставници на 25 компании, со цел подобрување на економските односи.

– Се радувам што ме придружуваат претставници на 25 компании од повеќе области, услуги, зелена енергија, земјоделие… тоа го покажува големиот интерес за вашата земја. Онаму каде што ние ќе дојдеме, таму и остануваме – рече Ван дер Белен.

Австрискиот претседател и Пендаровски вчера положија цвеќе и на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот