Банките незаконски ги користат старите пасоши за идентификација на клиентите

Банка / фото МИА

Ако банките го почитуваа законот, ќе мораше да им ги блокираат трансакциските сметки на повеќе од 100.000 граѓани на кои им се истечени личните карти, а немаат извадено нови, ниту имаат пасоши со новото уставно име

Банките се единствените институции во државата што ги признаваат старите пасоши (без Северна) како валидни документи за идентификација на граѓаните, иако за тоа нема законска основа, затоа што патните исправи со старото уставно име се неважечки по 12.2.2024 година за секаква употреба. Комерцијалните банки на граѓаните со истечени лични карти им ги прифаќаат старите пасоши со неистечен рок на важност како документ со кој го докажуваат својот идентитет, а во спротивно, доколку го почитуваат законот, би требало да им ги блокираат сметките на овие граѓани, затоа што тие немаат валидни документи за идентификација.

Во ваква ситуација, со истечена лична карта и со невалиден стар пасош со важечки рок, во моментов се наоѓаат повеќе од 100.000 граѓани. Оваа бројка минатата недела прв ја соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, а подоцна ја потврдија и други релевантни извори, па проблемот со овие граѓани во моментот се разгледува само од аспект како да се заштити нивното избирачко право. На предлог на Државната изборна комисија, а со цел да им се овозможи на сите граѓани да гласаат, со измени во Изборниот законик ќе се предвиди дека „за изборите што ќе се одржат во 2024 година, избирачите ќе можат да гласаат со лична карта или патна исправа чијашто важност истекла во периодот од девет месеци до денот на одржување на изборите“.

Со оваа законска измена старите пасоши „ќе оживеат“ само за гласањето на претстојните претседателски и парламентарни избори, ама не и за идентификација пред институциите. Пратениците во Собранието воопшто не размислуваат да ги продолжат старите пасоши да служат и за идентификација, затоа што оваа тема не се гледа како проблем токму од причина што банките, но и надлежните, се погрижија да не настане проблем. Во недостиг од јасни и прецизни соопштенија, насоки и упатства од надлежните институции, банките продолжија да ги уважуваат старите пасоши и по 12 февруари и со тоа повеќе од 100.000 граѓани и натаму располагаат со парите на нивните лични трансакциски сметки. Во спротивно, за очекување ќе беше да настане уште поголем хаос и паника, затоа што освен правото да ја напуштат државата без нов пасош и правото на глас, на илјадници ќе им беше загрозена и основната егзистенција! А министрите за внатрешни и надворешни работи во изминатиов период наголемо објаснуваа дека пасошите по 12 февруари нема да важат за патување надвор, но ниту еднаш не споменаа дека тие нема да важат ниту за идентификација дома.

Од Министерството за внатрешни работи за „Слободен печат“ велат дека старите пасоши не се валидни по закон и не важат никаде. Неофицијално велат дека банките го кршат законот со тоа што ги признаваат, ама таков официјален одговор не испратија.

Во повеќе банки неофицијално ни кажаа дека ги прифаќаат старите пасоши, инаку би морале да ги блокираат трансакциските сметки на оние со истечени лични карти. Во банките толкуваат дека пасошите по 12 февруари се поништени само за патување надвор од државата, но не и за внатрешна употреба, како документ за лична идентификација.

Во Македонската банкарска асоцијација (МБА) велат дека очекуваат одговор од надлежните како да постапуваат во врска со пасошите.

– Во врска со Вашите прашања за тоа „кои се валидни документи за идентификација на граѓаните пред банките“ би сакале да појасниме дека банките се должни да работат исклучиво во согласност со законските прописи кои се на сила во Република Северна Македонија и според тоа валидни документи за идентификација на граѓаните пред банките се истите документи што се валидни за сите државни институции. Притоа, следејќи ги тековните случувања со личните документи и имајќи ги предвид интересите на граѓаните што ги користат услугите на банките, МБА писмено се обрати до надлежните институции со Барање за појаснување на статусот на личните документи (лична карта и патна исправа), посочувајќи ги притоа можните ситуации кои може да настанат по 12.2.2024 година. Очекуваме одговор, според кој банките соодветно ќе постапуваат понатаму. Како што веќе ја информиравме јавноста, врз основа на претходно добиено мислење од надлежните институции, потврдуваме дека личните карти со називот на државата Република Македонија, со валиден рок на важење, се валиден документ за идентификација на граѓаните во банките и во периодот по 12.2.2024 година – одговорија од МБА на прашањата на „Слободен печат“.

Од Народна банка, пак, на прашањето на врз основа на што е одлучено комерцијалните банки да ги прифаќаат за важечки пасошите со старото уставно име одговорија дека за тоа се надлежни други институции.

– Начинот на идентификување и на потврдување на идентитетот на клиентите од страна на банките и штедилниците, вклучително и видот на документот што се користи за таа намена, е регулиран со Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам. Во однос на примената на овој Закон, надлежен орган за давање мислење е Управата за финансиско разузнавање. Во однос на прашањето за можноста патните исправи чиј рок на важење содржан во документот не е истечен, а се со старото уставно име на државата, да се прифаќаат за внатрешна употреба, надлежно е МВР, како орган надлежен за нивно издавање – одговорија од Народна банка.

Во член 16 од Законот за спречување перење пари се вели дека во банките кога клиентот е физичко лице, се идентификува и се потврдува неговиот идентитет со поднесување оригинален и важечки документ за идентификација, издаден од надлежен орган или копија заверена на нотар.

Од Управата за финансиско разузнавање кусо брифираа дека уште во декември на сите банки им дале одговор на прашањата како да постапуваат во врска со документите за идентификација дека се валидни оние документи што МВР ќе ги огласи за валидни.

Од МВР се децидни дека „во согласност со измените во Законот за патни исправи (Службен весник на РСМ број 122/21), патните исправи со старото име престанаа да важат по 12.2.2024 година“.

Преодната одредба од Законот за патни исправи со која старите пасоши престанаа да важат на 12 февруари за севкупна употреба

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот