Балковски: Владата да го објави договорот со „Бехтел и Енка“

Владата да го објави договорот со стратешкиот партнер за изградба на дел од коридорите 8 и 10-д „Бехтел и Енка“ и да објасни дали измените на законите кои во моментов се во собраниска процедура се содржани во договорот како обврска на Владата, побара пратеникот и владин партнер Љупчо Балковски од ВМРО-НП.

Тој праша и дали ако овие предлози за измени и дополнувања на законите не бидат усвоени од Собранието, Владата ќе треба да му плати финансиска отштета на стратешкиот партнер и колку сега ќе изнесува вкупната вредност на проектот кој на почетокот беше предвиден на 1,6 милијарди евра.

Во собраниска процедура веќе се законите за земјоделско земјиште, за експропријација, за урбанистичко планирање, за минерални суровини, за работни односи, за шумите, за градење и за законот за утврдување јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на коридорите 8 и 10-д.

Бараме Владата да го објави договорот или да го презентираат на коморите, стручните здруженија и невладини организации од оваа дејност и да објасни дали измените и дополнување на законите се содржани во Договорот како обврска на Владата. Зошто прво е потпишан договорот, а потоа се прават измени на закони кои на стратешкиот партнер му даваат најповластена состојба од сите досегашни инвеститори во Македонија. Истакнувам дека при потпишување на договорите изведувачите односно сега според законот стратешкиот партнер се запознаени со сите постоечки закони кои важат во Македонија и кои ќе се однесуваат и ќе важат при нивната работа и изведување на работите“, рече Балковски.

Балковски потенцира дека вчера гласал против потребата за донесување на предлог-измените на законите по скратена постапка. Според него, не може на закон со кој е утврден јавен интерес да се поднесува нов закон за негово изменување и дополнување.

„Не може после потпишување на договор и отпочнување на работите да се менуваат условите за работа особено со менување на закони кои имаат директно влијание врз изградбата, финансиите и рокот за изградба – рече пратеникот и побара повлекување на предлог-законите.

Балковски најави дека ќе поднесе амандмани на сите предлог-закони поврзани со изградбата на коридорите за да се заштити јавниот интерес, да се обезбедат еднакви услови за изведувачите на големите градежни работи, почитување на правата на работниците кои ќе работат на проектите и заштита на животната средина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот