Балистите соработуваа со фашистите – ќе важат ли измените во законот и за тетовските „Балисти“?

Фото: Фејсбук/принтскрин

Минатиот месец, со поддршка од власта и опозицијата, во Собранието беа усвоени измените во Законот за здруженија и фондации, со кои се спречува отворање на здруженија кои го глорифицираат нацизмот и фашизмот. Тоа беше одговор на новоотворените здруженија со културни клубови на Бугарите во земјава. Но, што е со „Балистите“, тетовската навивачка група која неделава прослави 30 години постоење? Ќе важат ли законските измени и за нив, ако знаеме кои се историските балисти – домашните предавници и фашистичките слуги кои окупираа половина Македонија во Втората светска војна?

Овие прашања ги поставува тетовскиот архитект Бошко Видоески, кој забележува дека навивачката група, која со децении јавно го користи профашистичкото име, викендов дури и одржа прослава во Центарот за култура во градот кој го носи името на народниот херој Иљо Антески-Смок, а него токму балистите во 1943 година го осудиле на смрт и го погубиле во затворот во Тирана, заедно со уште петмина македонски партизани и комунисти.

„Еве ни умрен не почива у мир. Дојде време навијачка група именуена по колаборационисти на Хитлер и Мусолини, да прае некаква прослава у објект именуен по него. Каква иронија!“, пишува Видоески на Фејсбук, барајќи медиумите да пишуваат повеќе за ова.

Тој додава дека молчењето ги банализира ваквите случаи, а банализацијата води тоа да станува нормално, што практично е дозволување пред очи да ни се повампируваат фашизмот и нацизмот.

„И не, не може да сметате дека „ништо страшно не је ова“, банализирајќи ја трагичната симболика на изборот на локација на петочката прослава. Се надевам само дека не бил намерен овја избор; а и да бил – тоа не значи дека не треба да не наиде на реакција! Уште попоразително је некој од вас да се ваѓа на „незнаење“ за сопствениот придонес у реинкарнацијата на фашизмот и нацизмот у Тетово и у Македонија“, пишува во објавата Видоески.

Навивачите на тетовска „Шкендија“ на социјалните мрежи јавно пишуваат и дека Тетово е „срцето на албанството“, а таквото очигледно поттикнување национална нетрпеливост поминува без каква било реакција од надлежните институции.

Балистите биле припадници на албанското националистичко и профашистичко движење, организирани во националниот фронт „Бали Комбтар“ Тие го сочинувале воениот дел од организацијата, која дејствувала за создавање на Голема Албанија. Балистите во поголемиот дел од Втората светска војна биле во директен судир со партизанските единици во Македонија, Србија и Црна Гора. Особено жестоко се пресметувале со припадниците на НОВ од Западна Македонија, вршејќи убиства, терор и пљачкосување на македонското и на другото неалбанско население. Политичката програма на оваа организација вклучувала обединување на „етничките територии“ на Албанците и создавање на Голема Албанија.

Според последните законски измени, во Македонија сега е забрането отворање здруженија и фондации чии програми, цели, дејности и дејствувања се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на земјава, кон поттикнување и повикување на воена агресија, како и кон разгорување национална, расна, верска омраза или друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка, поттикнување и одобрување фашизам, нацизам, национал-социјализам и третиот рајх, како и преземање активности поврзани со тероризам или активности спротивни на Уставот.

Според повеќе од овие критериуми наведени во законот, во земјава сега е забрането постоењето на група која себеси се нарекува „Балисти“ и ги промовира идеологијата и целите на историските балисти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот