Бајден утре би победил, но кој знае дали и во ноември

Најпретпазливите демократи предупредуваат дека и пред четири години тогашната кандидатка Хилари Клинтон водеше во анкетите со речиси идентична разлика во однос на Трамп и во ноември доби поголема поддршка од граѓаните, но ги загуби изборите поради неповолниот распоред на гласовите низ сојузните држави

Точно сто и еден ден до претседателските избори во САД, Доналд Трамп презема се поризични потези за да ги одржи во живот своите шанси за реизбор, бидејќи неговиот рејтинг е разнишан во периодот на пандемијата и на неколку анкети во низа заостанува речиси десет проценти во однос на противкандидатот Џо Бајден.

Демократите, пак, се охрабрени од поволните резултати на анкетите, особено од Тексас, иако оваа сојузна држава важи за традиционален бастион на републиканците. Ако демократите успеат да го задржат водството во Тексас до гласањето во ноември, 38-те делегати од оваа сојузна држава би му гарантирале убедлива победа на Бајден.

За високиот рејтинг на демократите се чини помалку придонесе Бајден отколку самиот Трамп, кого пандемијата и нејзините економски последици, како и масовните протести против расизмот и полициската бруталност го притискаат да прави потези на очајник и го водат кон гафови и грешки.

И додека меѓу републиканците веќе се издвојува крило што се оградува од контроверзните потези на Трамп, демократите поминуваат низ релативно спокоен период на единство. Мируваат дури и вообичаено гласните прогресивци, воздржувајќи се да не го нарушат очекуваниот син бран што во ноември би требало да ги доведе во Белата куќа, по само еден мандат на републиканците.

Лекцијата од 2016

Иако Бајден има впечатлива предност, со разлика во рејтингот која низ поновата историја би гарантирала победа против кандидат што се бори за реизбор, демократите се претпазливи и не штедат напори во кампањите во „превртливите“ сојузни држави, па дури и во Тексас и другите традиционално републикански сојузни држави како Џорџија и Охајо во кои, барем според анкетите, имаат шанси за победа.

Најпретпазливите функционери предупредуваат дека и пред четири години тогашната кандидатка Хилари Клинтон водеше во анкетите со речиси идентична разлика во однос на Трамп и во ноември доби поголема поддршка од граѓаните, но ги загуби изборите поради неповолниот распоред на гласовите низ сојузните држави.

Поразот беше уште потежок бидејќи наспроти показателите од анкетите, републиканците ги освоија и Белата куќа и мнозинствата во Сенатот и во Претставничкиот дом.

– Поразот во 2016 година ни предизвика емотивни и ментални трауми, па затоа нема да се чувствуваме удобно се додека Бајден не ја даде претседателската заклетва – вели демократскиот стратег Том Боуен.

Трамп непредвидливиот

Затоа демократите со голема доза на резерва пристапуваат кон резултатите од анкетите и во кампањата се однесуваат како Бајден да губи десетина проценти, а не Трамп. Тие знаат дека се соочуваат со моќен противник и непредвидлив противкандидат и дека евентуален развој на настаните во полза на републиканците во преостанатите 101 ден од кампањата – како позитивни економски биланс од третиот квартал или изнаоѓање ефикасна вакцина против ковид-19 до крајот на октомври – може непосредно пред гласањето да предизвика пресврт во расположението на гласачите, кој анкетите не би имале време да го детектираат.

Во исто време мора да се има предвид и непресметливоста на Трамп, кој во очајнички обид да го спаси сопствениот рејтинг би можел да спроведе некоја радикална мерка, која долгорочно би била штетна за Америка, но би му помогнала да привлече доволно гласови на денот на изборите.

И не е Трамп единствениот противник. Освен за идниот претседател на САД, на 3 ноември Американците ќе гласаат и за целосно нов состав на Претставничкиот дом и за една третина од сенаторските мандати.

Меморандум објавен неодамна од предизборниот штаб на Бајден ги посочува и неуспехот на Трамп да ги испорача своите пораки до гласачите за кои се наменети.

– Без оглед колку упорно се труди, единствените кандидати што трпат штета од нападите од Трамп се лично тој и републиканците што се врзаа за него. Американците, едноставно, не дозволуваат да бидат измамени од сите тие фабрикувани вести за Бајден – се наведува во меморандумот на Кејт Бедингфилд, заменичка на шефот на кампањата на демократскиот претседателски кандидат.

Битка за Мичиген

Чувствувајќи дека се на прагот на историска победа во Тексас, штабот на Бајден вложи стотици илјади долари за објавување предизборни спотови во оваа сојузна држава. Вкупно 15 милиони долари се потрошени за медиумска кампања за клучните шест држави – Пенсилванија, Висконсин, Мичиген, Северна Каролина, Флорида и Аризона.

Републиканците возвратија со политички реклами вредни 23 милиони долари во Пенсилванија, Флорида, Аризона, Висконсин, но не и во Мичиген, сојузна држава која Трамп мора да ја освои ако сака да ја задржи функцијата уште четири години. Трамп лично во изминатите неколку месеци ја фокусираше кампањата во традиционалните бази на републиканците, во кои победата овој пат не му е толку сигурна.

Демократските стратези предупредуваат дека ваквиот тренд може да заврши заедно со летото. Тие повторно ја посочуваат трагичната 2016 година, забележувајќи дека во овој период демократите биле убедени и во чиста победа на Хилари Клинтон и во освојување мнозинство во Сенатот.

– Не сакам да создавам нервоза, но во 2016 година се чувствувавме прилично сигурни дека ќе имаме демократски претседател, а ситуацијата нагло се промени – вели претседателката на Демократската партија во сојузната држава Канзас, Вики Хајат.

Сите показатели досега укажуваат дека демократите може да го преземат од републиканците сенаторското место што го дава Канзас, што одамна не се случило, но Хајат демонстрира воздржаност.

– Мислам дека во изминатите три и пол години видовме дека се случуваат прилично непредвидливи нешта. Затоа е присутна нервозата. Јас лично нема да се смирам се додека изборниот процес не заврши. Оптимист сум, но не земам ништо здраво за готово – вели Хајат.

Дебати и офанзиви

Првите очекувани настани што може да го разнишаат актуелниот однос на рејтинзите на кандидатите се нивните три телевизиски дуели што ќе почнат во септември и ќе завршат во октомври. Републиканците се убедени дека Трамп е подобар говорник од Бајден и дека „ќе го растури“ на дебатите.

Во октомври демократите очекуваат и нови пропагандни напади, чија природа сега само може да ја нагаѓаат, како и засилување на конвенционалната кампања на републиканците, за задржување на претседателската функција и на мнозинството во двата дома на Конгресот.

– Сега е периодот да ги наполние резервите. Не смееме сега да губиме време да нагаѓаме што би можело да се случи – вели Ивет Луис, претседателка на демократите од Мериленд.

Нејзината колешка од Тенеси, Мери Мансини, предупредува дека републиканците се уште не го активирале својот целосен капацитет во кампањата.

– Она што може да го направат е да се обидат да победат преку ширење страв меѓу гласачите. Тоа би било најштетното и најзастрашувачкото што би можеле да го видиме од целосната предизборна офанзива, да користат заплашувања за да ги мотивираат гласачите. И досега видовме нешто, но тоа беше само врвот од сантата на Републиканската партија – вели Мансини.

Не смее да се потцени ни потенцијалниот ризик од ефектите што ги предизвика пандемијата на ковид-19, особено на зголемениот број гласови испратени по електронски пат, а не на гласачките места. Самиот Трамп предупреди дека полесно може да се направат измами при гласањето преку компјутер.

– Најмногу се плашам дека републиканците ќе се решат во следните месеци да го префрлат фокусот од кампањата врз делегитимирање на изборите – предупредува Арја Алекс од демократската гранка во Охајо.

– Сите демократи треба да бидат загрижени, сите треба да бидат нервозни, бидејќи не е готово додека не биде готово. Но, мислам дека секој сега е нервозен оптимист – додава Џулијан Малви, кој изработува пропагандни спотови за демократите.

Букмејкери: Бајден 1,53, Трамп 2,45

Резултатите од анкетите стотина дена пред претседателските избори во САД укажуваат дека Белата куќа ќе добие нов домаќин од јануари. Демократскиот кандидат Џо Бајден одржува стабилна предност од најмалку 8 проценти во однос на републиканецот Доналд Трамп.

Но, ако одговорот кој ќе победи во изборната трка во ноември се побара во обложувалниците, предноста на Бајден е многу поголема. Речиси сите коефициенти на популарните обложувалници на Интернет укажуваат дека веројатноста да победи Бајден е двојно поголема отколку да победи Трамп.

Коефициентот за победа на Бајден се движи во тесна рамка од 1,53 до 1,62 додека за победа на Трамп коефициентите варираат од 2,45 до 2,84.

Иако изборите се сметаат за дуел на Трамп и Бајден, обложувалниците не ја отфрлаат можноста за шокантен пресврт на завршните конвенции на републиканците и на демократите, па затоа се уште како можни победници фигурираат и други имиња, но со огромни коефициенти – Хилари Клинтон (коефициенти меѓу 26 и 67), Мајк Пенс (51-101), Мишел Обама (51-126), Ендрју Куомо (51-501), па и Канје Вест (51-251) или Марк Кјубан (201-301). На дури 501 долар за секој вложен долар може да се надеваат оние што се обложиле дека на изборите во ноември ќе победи Џорџ Клуни, Опра Винфри, Марк Закерберг, Двејн „Карпата“ Џонсон или Сторми Дениелс.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот